Северна Македонија единствено треба да ги впише Бугарите во Уставот, за да почне преговори со ЕУ, изјави денеска бугарскиот премиер Румен Радев пред почетокот на самитот ЕУ-Западен Балкан, кој се одржува во црногорскиот град Тиват, објави „Дојче веле“.

На Самитот ЕУ – Западен Балкан, под мотото „Заеднички просперитет и стабилност на Европската Унија и Западен Балкан“, главна тема ќе биде проширувањето на Унијата.
Со собирот претседава претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта, кој претходно ги посети земјите од регионот, додека домаќин е претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ. На Самитот ќе присуствуваат и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас и претседателката на Европскиот парламент, Роберта Метсола.
Франција и Германија, на Самитот презентираат „нон пејпер“ во кој се предлага постепена интеграција на Западен Балкан во ЕУ пред полноправното членство Европската комисија е повикана да подготви предлози за олеснување на постепената интеграција на земјите кандидати во Европската Унија, вклучително и привилегиран пристап до единствениот европски пазар врз основа на нивниот напредок во пристапните преговори и поцврсти врски со европските институции во секојдневниот процес на одлучување – се наведува во француско-германскиот нон пејпер.
Во документот, со наслов „Нов поттик за проширувањето во пресрет на самитот ЕУ – Западен Балкан (5 јуни 2026) и самитот ЕУ – Молдавија (22 јуни 2026)“, се оценува дека „проширувањето останува една од најпривлечните понуди и највлијателни политички алатки што ги поседува Унијата“.




