Соединетите Американски Држави се загрижени дека Израел ги засилил своите шпионски напори против високи американски функционери, вклучувајќи го и специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф , кој е вклучен во преговорите со Иран, објави „Њујорк тајмс“.
Повикувајќи се на извештаи од американските разузнавачки агенции, весникот истакнува дека Вашингтон е загрижен и поради фактот што Израел ги засилува напорите за прислушување на американскиот потсекретар за одбрана за политички прашања, Елбриџ Колби, и еден од неговите заменици, Мајкл ДиМино.
Портпаролот на израелската амбасада ги негираше обвинувањата и рече дека Израел не ги шпионира САД, туку само своите непријатели.
Весникот забележува дека предупредувањето би можело да ја отежни понатамошната воена интеграција доколку Пентагон преземе чекори за ограничување на споделувањето информации со израелски офицери.
Американски воен персонал во Израел дури открил тајно инсталиран софтвер на нивните телефони за кој се тврди дека може да ги пресретнува комуникациите.
Сегашни и поранешни американски функционери забележаа дека Израел долго време спроведува агресивни разузнавачки операции против сојузниците и против противниците.




