
Во соопштението на иранската војска се вели дека базата Рамат Давид служела како лансирна рампа за израелски напади врз Либан.
„Нападот беше извршен како одговор на масакрите извршени од ционистичкиот ентитет врз цивилите во јужен Либан и јужните предградија на Бејрут“, се вели во соопштението.
„Ова беше предупредување“
Иранската војска го опиша нападот како „предупредување“ и ги обвини Израел и САД за постојано кршење на прекинот на огнот постигнат на 8 април.
Техеран изјави дека ќе одговори на секој нов напад „поширок и пожесток“.
„Доколку Израел одговори на иранските напади или не ги запре нападите врз Либан, иранските напади ќе продолжат“, се вели во соопштението.
Слична порака испрати и Иранската револуционерна гарда (IRGC).
Закани за Израел и Америка
ИРГК тврди дека САД и Израел ја продолжиле својата „агресија и злосторства“ во Либан и го прекршиле прекинот на огнот со напаѓање на ирански бродови и води во Ормутскиот теснец, Оманскиот Залив и Индискиот Океан.
Командантот на штабот на „Хатам ал-Анбија“ дополнително се закани дека доколку Израел ги прошири нападите кон јужните предградија на Бејрут или одговори на вечерашниот ирански напад, ќе претрпи „уште поразорни и поболни удари“.
„Ќе бидат извршени катастрофални напади против режимот и неговите поддржувачи“, рече тој.
Според израелските медиуми, Иран вечерва лансирал три бранови ракети кон северен Израел. Ова е првиот директен ирански напад врз Израел откако прекинот на огнот стапи на сила на 8 април.




