дома Локално Силно невреме со град и грмотевици на Балканот– Метео предупредување и за...

Силно невреме со град и грмотевици на Балканот– Метео предупредување и за Македонија и цел регион

УХМР издаде предупредување за попладнево за невреме во Македонија, а од петок се најавуваат уште пообилни врнежи и намалување на температурите.Цел Балкан го очекува невреме. Словенија веќе е на удар , а невремето се спушта и во Хрватска.

Силна бура со обилни врнежи од дожд во областа Халозе најтешко ја погоди словенечката општина Жетале, предизвикувајќи големи штети на јавни и приватни површини. Градоначалникот на општина Жетале, Матјаж Копше, вели дека околу 50 свлечишта биле предизвикани од бурата синоќа, а според првичните извештаи, оштетени се два државни и еден општински моста, како и делови од патната инфраструктура. Копше, исто така, вели дека некои станбени и деловни згради биле поплавени.

Метеоролозите од Државниот Хидрометеоролошки Завод на Хрватска предупредуваат дека локално се можни силни удари на ветер, град и бујни поплави и ги повикуваат граѓаните на претпазливост.

„Бидете подготвени за посилни невремиња со грмотевици кои можат да предизвикаат голема штета и заштитете се од громови. Можни се оштетувања на имотот и на дрвјата. Локално се можни бујни поплави, силни удари на ветер и град. Можни се прекини во активностите на отворено и во сообраќајот“, стои во соопштението.

Жолто предупредување истовремено важи за карловачката регија, како и за западниот дел од Истра.

Во Србија денеска ќе биде претежно сончево и топло во поголемиот дел од денот, додека околу пладне и попладне, со локален развој на облачноста, ќе се појават краткотрајни поројни дождови со грмежи и град, кои ќе бидат поизразени во планинските и брдовитите области, соопшти Републичкиот хидрометеоролошки завод.

За време на ноќта во Војводина ќе има засилена облачност со дожд, пороен дожд, грмежи и локални невремиња со град и силен северозападен ветер.

Во Македонија времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне се очекува локална нестабилност со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и можност за изолирано невреме со град. Ветерот ќе биде слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен од северозапад. Минималната температура ќе се движи од 9 до 18 °C, а максималната ќе достигне од 25 до 33 °C.

Според прогнозата на УХМР, утре претпладне времето ќе остане сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне и во текот на ноќта кон петок, како и во петок, се очекува локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. На некои места процесите ќе бидат поинтензивни, со пороен дожд над 15 л/м², грмежи и засилен до повремено силен северозападен ветер со брзина до 60 км/ч. Температурите во петок ќе се намалат за неколку степени. Во текот на викендот времето ќе биде претежно сончево со мала локална облачност и посвежо.

 

ПредходнаЕва Лонгорија објави фотографија со поранешниот сопруг 15 години по бурниот развод
СледнаЖозе Мурињо се сели во Реал Мадрид, Марко Силва нов тренер на фудбалерите на Бенфика