Пожарот во штипско попладнево повторно е разгорен, зафатени се неколку викендички, а според информациите на Дирекцијата за заштита и спасување повредено е и едно лице.
Зафатени се сува трева и грмушки, а поради силниот ветер пожарот брзо се шири кон тешко пристапен терен.

На терен веќе интервенира авион на Дирекцијата за заштита и спасување, како и пожарникари од Штип и од Доброволното противпожарно друштво во Штип. Побарана е помош и од соседните општини.
– Денеска во попладневните часови на бројот 112 е пријавена повторна појава на пожар на отворено во близина на локацијата Кадидере, каде што ноќеска беше изгаснат претходниот пожар. ТППЕ Штип првично интервенирала со екипа од 3 пожарникари и едно противпожарно возило, а поради влошување на состојбата, во 15:20 часот на терен биле ангажирани вкупно 20 пожарникари и 4 противпожарни возила. Во гаснењето се вклучи и ДПД Штип со 4 возила и 12 членови, информираше Центарот за управување со кризи.
Пожарот добива на интензитет, а сите расположливи локални единици се ангажирани на терен во обид да се стави под контрола огнената стихија.




