Централната изборна комисија (ЦИК) во Приштина почна да ја објавува распределбата на мандатите врз основа на досега преброените гласови од вонредните парламентарни избори одржани на 7 јуни.

Според овие податоци, Самоопределување на Аљбин Курти има 49 мандати.
Втора е Демократската партија на Косово со 21,04 проценти – 137.813 гласови и 24 мандати.
Трет е Демократскиот сојуз на Косово со 17,05 проценти – 111.706 гласови и 19 мандати.
Собранието има 120 пратенички места, од кои за 100 се борат албанските партии. Останатите 10 се загарантирани за претставници на Србите, а 10 за претставници на несрпските немнозински заедници (три за Бошњаците, две за Турците, едно за Гораните, четири за Ашкалите, Египќаните и Ромите).
Партијата за слобода, правда и опстанок, предводена од Ненад Рашиќ, според податоците на ЦИК, освои 0,80 проценти, односно 5.212 гласови и еден мандат од 10 загарантиран за српските претставници.
Медиумите јавуваат дека партијата на Рашиќ освоила 81 глас во Ѓаковица, седум во Качаник, 31 во Сува Река, 28 во Мамуса и дури 440 гласа во Призрен.
Претседателката на Новата демократска партија, Емилија Реџепи, изјави дека нејзината партија ќе побара заштита пред уставниот суд поради мешањето на партијата на Ненад Рашиќ во изборниот процес во областите со бошњачко мнозинство, нагласувајќи дека со тоа се нарушува целта на загарантираните места наменети за немнозинските заедници, објавија медиумите.
Досегашните резултати не ги вклучуваат гласовите од условните гласачки места, гласовите на лицата со посебни потреби и гласовите на гласачите кои гласале по пошта, а беа преброени гласовите од 13 од 47 гласачки места во претставништвата на Приштина надвор од Република Косово.




