Колосеумот во Рим ја отвори изложбата „Троја и Рим. Митови, легенди, приказни за древниот Медитеран“, на која се претставени околу 300 артефакти од Италија и Турција, кои ја следат врската помеѓу тројанската цивилизација и основањето на Рим преку археолошки наоди и митолошки наративи.

Изложбата, која ќе трае до 18 октомври, е резултат на билатерален договор помеѓу италијанското и турското министерство за култура и вклучува предмети од бројни музеи во двете земји.
Изложбата го следи патувањето на легендарниот тројански херој Енеј од уништената Троја во Мала Азија до Италија, каде што, според митот, ги поставил темелите за основањето на Рим.
Посетителите ќе можат да видат предмети од различни епохи и цивилизации, вклучувајќи значајна глинена плоча со клинесто писмо пронајдена на локалитетот Хатуша, која сведочи за договор помеѓу кралот Мутавали II и владетелот Александу од Валуса, кој, според толкувањата на експертите, ја поврзува митската Троја со историскиот Вилус од хетитските записи, објавува италијанската агенција Аднкронос.
Меѓу експонатите се фигурини, златен накит од Троја откриена од Хајнрих Шлиман, како и наоди од римски некрополи, вклучувајќи ја Санта Паломба и бронзена статуетка на Атена Илијас од регионот Апулија.
Релјефите од Афродизијас со прикази на темата Илијада, исто така, привлекуваат посебно внимание.
Изложбата вклучува и мозаик од Тетида од древна Ликија, како и бројни предмети од турски музеи, од кои многу се презентираат на јавноста за прв пат во Италија.
Изложбата е замислена преку четири дела – од реконструкцијата на Троја и хетитскиот свет, преку Тројанската војна и патувањето на Енеј, до митот за Ромул и основањето на Рим.
Посебен дел е посветен на улогата на Хомер и развојот на епската традиција, како и на римското прифаќање на тројанското потекло како основа на политичкиот идентитет.
Организаторите наведуваат дека изложбата ги поврзува археолошките докази и литературните извори, нудејќи толкување на заедничкиот медитерански културен простор и трајното влијание на античките митови врз европската цивилизација.
Како што наведуваат, ова е една од најголемите изложби посветени на Троја некогаш организирани надвор од Турција, додека кураторите ја најавија можноста за организирање слична изложба во самата Троја во иднина.




