Норвешката јавност очекува Окружниот суд во Осло да ја изрече пресудата во понеделник против Мариус Борг Хеби, синот на принцезата Мете-Марит, кој е обвинет за силување.

Речиси три месеци откако заврши судењето по 40 точки, вклучувајќи четири обвиненија за силување, Хеби (29) ќе учествува во постапката за изрекување на пресудата преку видео врска во понеделник, од неодредени здравствени причини, објавува Би-Би-Си.
Тој ги негира најсериозните обвиненија против него, но признава некои од помалите обвиненија поврзани со дрога и сообраќајни прекршоци.
Обвинителството смета дека Хеби треба да добие казна од седум години и седум месеци затвор, додека неговите адвокати сметаат дека треба да отслужи година и пол затвор.
Хеби, чија мајка, принцезата Мете-Марит, влезе во кралското семејство кога тој имал четири години, е во притвор од почетокот на февруари.
Полицијата го уапси непосредно пред почетокот на неговото судење под сомнение за напад и кршење на забраната за приближување против неговата поранешна девојка.
Принцезата Мете-Марит е многу болна, а минатата недела Апелациониот суд го отфрли барањето Хеби да биде ослободен за да може да биде со својата мајка.
Пред нешто повеќе од една недела, принцезата Мете-Марит беше ставена на списокот за трансплантација на бели дробови, а оттогаш е видена како го посетува својот син во затвор со принцот Хакон.




