Се исправа ли Македонија пред уште еден изборен циклус напролет? По две години власт, премиерот Христијан Мицкоски повторно ја отвори оваа тема не исклучувајќи ја можноста за предвремени парламентарни избори напролет.

Некои од парламентарните партии се уште не се изјасниле за оваа идеја, но има и такви кои сметаат дека на земјава не и се потребни нови избори кои би значеле повторен трошок во Буџетот.
Претседателката на Либерално-демократската партија Моника Зајкова вчера на телевизиско гостување рече дека на народот му е доста од избори. Вели дека нема потреба од предвремени избори кога власта има двотретинско мнозинство во Собранието.
– Сакам само да упатам една порака до граѓаните дека ако платата не им стигнува до

крајот на месецот, ако пензиите не им стигнуваат до крајот на месецот, банките уште ги „шурат“ со провизии, да знаат дека новите избори значат повторно трошење пари од нивниот џеб и повторно значат помалку пари во државата, а ќе ги организира некој директор кој имал можност да спроведува решенија и одлуки, меѓутоа бара повторно поддршка за нови избори за само две години затоа што досега ги потрошил годините да објаснува како претходно некој бил крив за нешто, изјави Зајкова во интервју за телевизија Сител.
Премиерот неколкупати досега ја најавуваше можноста за предвремени избори, но најдиректно тоа го направи неделава кога во изјава дадена во скопската населба Кисела Вода дури рече дека тоа би можело да се случи напролет.
За брзо време, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање.
– Веќе сме во втората половина на нашиот мандат, ќе имаме парламентарни избори, па граѓаните нека одлучат. Дали овие, кои капитулираа, ја ограбија, ја осиромашија и ја уништија Македонија треба да добијат и еден пратеник, или ние, кои нудиме сосема еден нов концепт кој се темели на многу работа, но истовремено бескомпромисна битка и со став за националните интереси. Тоа е она што ќе го добиете од оваа опција. Од другата опција ќе добиете „свиткана кичма“, меко ткиво, криминал, корупција, грабеж, понижување. Тоа е изборот на следните парламентарни избори и граѓаните ќе треба да одлучат, изјави Мицкоски.

На последните парламентарни избори одржани во 2024 година убедливо победи коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ која има уште две години мандат.
Лидерите на оваа коалиција – ЗНАМ – За твоја Македонија и ВЛЕН заедно со премиерот Христијан Мицкоски од понеделник треба да седнат и на заедничка маса на која ќе разговараат за долго најавуваната реконструкција на Владата. И ЗНАМ и ВЛЕН очекуваат дека ќе ги задржат министерските места.

Доколку напролет се одржат предвремени парламентарни избори тоа секако ќе удри врз Буџетот, но истовремено ќе застанат сите процеси во земјава како на политички, така и на економски план. Оттука, прашањето е колку на земјава и се неопходни нови избори.




