дома Македонија Муцунски во посета на Германија, Обединетото Кралство и Ирска

Муцунски во посета на Германија, Обединетото Кралство и Ирска

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски од денеска до четврток ќе биде во посета на  Германија, Обединетото Кралство и Ирска.

Посетата на Ирска се реализира во пресрет на Ирското претседавање со Советот на Европската Унија кое почннува од 1 јули.

Во фокусот на разговорите ќе бидат економските можности, билатералните односи и европската интеграција.

На покана на министерот за федерални, европски, меѓународни работи и медиуми на покраината Северна Рајна-Вестфалија, Натанаел Лимински, Муцунски ќе престојува во Диселдорф, главниот град на оваа германска сојузна покраина каде ќе оствари средба со министерот Лимински, по што двајцата министри ќе потпишат нова заедничка декларација за намери за соработка меѓу двете влади за периодот 2026–2030 година.

Во вторник, Муцунски ќе престојува во Лондон, каде ќе присуствува на отворањето на првиот вински саем на земјите од Централна и Источна Европа.

Од вторник до четврток Муцунски ќе биде во Даблин каде ќе се сретне со министерката за надворешни работи и одбрана на Ирска, Хелен Мекенти, при што покрај билатералните односи, посебен акцент ќе биде ставен на претстојното шестмесечно претседавање на Ирска со Советот на Европската Унија, кое започнува на 1 јули.

Во ирскиот Парламент, Муцунски ќе оствари средби со пратеници и членови на Заедничкиот комитет за прашања поврзани со Европската Унија на двата дома на парламентот, а ќе се обрати и во Институтот за меѓународни и европски работи (IIEA), еден од водечките ирски тинк-тенк центри за меѓународни односи и европски прашања.

 – Посетата на Ирска се реализира во пресрет на ирското претседавање со Советот на Европската Унија и е насочена кон натамошно зајакнување на билатералната соработка, како и кон обезбедување континуирана поддршка за процесот на проширување на Европската Унија и за реформските напори на државата на патот кон полноправно членство во Унијата, информира МНР.

ПредходнаБританија бара илјадници Бугари кои не ги отплатиле студентските кредити
СледнаВелика Британија, Франција, Германија и Италија се подготвени да ги укинат санкциите кон Иран