Само 18 отсто од владините ветувања се целосно исполнети, образованието предничи, кај родовата еднаквост нема ништо исполнето од ветувањата

По две години од мандатот на актуелната Влада, целосно се реализирани само 18 отсто од ветувањата дадени за периодот 2024-2028 година, покажува најновата анализа на платформата КОМПАС, која ја следи реализацијата на владината програма, пренесе Слободен Печат.
Во економијата, сликата е поделена. Макроекономските показатели покажуваат релативно позитивни движења – растот на БДП е стабилен, невработеноста се намалува, а извозот закрепнува. Сепак, инфлацијата останува повисока од ветеното ниво, а странските директни инвестиции бележат пад.
Ветувањето за отворање 55.000 нови работни места е реализирано околу 40 проценти, со создадени нешто повеќе од 22.000 работни места, но темпото на отворање нови работни места е забавено. Дополнително, анализата предупредува на раст на сивата економија и недоволен напредок кај мерките за поддршка на ИТ-секторот, фриленсерите и иновациите.
Посебна забелешка е дадена за социјалните политики. Според авторите, ветувањата што директно влијаат врз животниот стандард, како изградбата на домови за стари лица, капиталните инвестиции и проширувањето на капацитетите за грижа, имаат висока поддршка кај граѓаните, но ниска реализација.
Сепак, реформите во високото образование остануваат заглавени. Новите законски решенија сè уште не се донесени, а издвојувањата за наука остануваат далеку под планираното ниво од еден процент од БДП.
Во здравството, од 31 следена мерка, само четири се целосно реализирани. Како најзначајни резултати се наведуваат вработувањето на здравствени работници кои со години биле ангажирани по договор на дело, зголемувањето на капитациониот бод за матичните лекари и проширувањето на позитивната листа на лекови.
Од друга страна, клучните структурни реформи, како дигитализацијата на здравствениот систем, намалувањето на листите на чекање и подобрувањето на пристапот до специјалистички услуги, сè уште немаат видливи резултати.
Кај младинските политики се забележани неколку конкретни мерки, меѓу кои исплатата на ваучери за електронски уреди за студенти и активирањето на проектот „Купи куќа за млади“. Но, најголемиот дел од ветувањата остануваат нереализирани. Стапката на вработеност кај младите се намалува, нема напредок кај обуките за дигитални вештини, а бројот на младински центри стагнира.




