Нема да му дадеме алиби на премиерот за предвремени избори, вели лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче коментирајќи ги изјавите на премиерот Христијан Мицкоски. Тој на прес-конференција рече дека избори ќе има кога ќе снема пари и дека тоа е концептот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ.
– Кога ќе ги дотрошат сите пари за партиски тендери. Гледате и контрадикторни изјави, сакаме предвремени, па ќе има редовни, спремни сме… Избори ќе има кога ќе снема пари, рече Филипче.
За реконструкцијата на Владата рече дека ќе има некои козметички промени и дека реконструкцијата нема да донесе суштински промени за граѓаните.
– Што може да очекуваат граѓаните од реконструкцијата? Ништо. Сѐ ќе биде исто, нема напредок, нема да се почувствува. Некои козметички промени ќе бидат. Ќе има промена на имиња, изјави лидерот на СДСМ.
Забележа дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ постојано се занимава со опозицијата наместо со управување со државата и праша зошто е тоа така, ако СДСМ е партија пред изумирање.
– Од една страна велат дека сме партија пред изумирање и дека не знам како ќе нè победеле на избори, а од друга страна секој ден се занимаваат со нас. И тоа покажува дека многу добро знаат дека нашиот капацитет расте, рече Филипче.




