Изборен законик или изборен грабеж . Партиите и денеска во клинч околу измените во изборното законодавство кои се блокирани со над 13 илјади амандмани кои се обработуваат во собраниските служби пред да почне маратонската расправа во собраниската комисија за политички систем . Премиерот Христијан Мицкоски и денеска го впери прстот кон опозициските партии дека иако биле блиску до договор во последен момент се откажале и дека се плашат од како што рече гласањето на дијаспората на кое им го оспоруваат правото на глас по електронси пат .
Од СДСМ пак денеска возвратија дека ова е уште еден обид на власта за како што велат изборен грабеж и дека се сомневаат во механизмите и целата процедура која владата може да ја направи за на таквото гласање да му се даде легитимитет .
Од Левица и денеска пак со обвинувања на адреса на ВМРО ДПМНЕ дека како што наведуваат власта го турка изборниот законик без консензус . Во реакцијата се наведува
– Наместо правила еднакви за сите и подобрување на изборниот модел и процес, ДПМНЕ турка Изборен законик скроен според интересите на големите политички партии. Со 3.500 амандмани, Левица се спротивставува на овој обид изборниот процес дополнително да се извитопери во корист на власта. Единствено штета трпи Левица како единствена партија дискриминирана во финансирањето и платеното политичко рекламирање. Онаму каде што се запна е електронското гласање. Самото електронско гласање, се појави на преговарачката маса!? Тоа не е препорака ниту на ИФЕС, ниту на ОБСЕ/ОДИХР.
Покрај оние 3500 амандмани на Левица над 10 илјади се обработуваат во собраниските служби и на пратеничката група на СДСМ . Парламентарното мнозинство пак и натаму бараат повлекување на оваа огромна бројка на амандмани и да се поднесат само во делот на гласањето а дијаспората да може електронски да гласа од следните претседателски избори . 
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска ги повика СДСМ и Левицата да ги повлечат амандманите на измените на Изборниот законик посочувајќи дека сè уште има време да се заврши и оваа реформа. Укажа дека гласањето на дијаспората е особено важно бидејќи нашинците мора да се чувствуваат поврзано со својата татковина, а целта на Владата е таа дијаспора да ја вратиме дома.
– Се надевам дека СДСМ и Левицата ќе ги остават своите политички мотиви во своето политичко мочуриште, ќе се вратат во парламентот, сè уште има време и оваа реформа да ја испорачаме. Јас сум убеден дека политичките интереси ќе ги остават настрана и како приоритет ќе ги стават националните интереси – изјави Мицкоски.
СДСМ во коалиција со Левицата, потсети премиерот, поднесе 13.000 амандмани за да го спречат гласањето во дијаспората плашејќи се дека ја немаат довербата на нашинците.
– И ова е силна порака кон нашинците во дијаспората. Најпрвин СДСМ, кога беше влада, со својата катастрофа и катаклизма што ги донесе во Македонија, мотивира и избрка голем дел од нашите граѓани да си ја бараат својата среќа надвор од татковината и сега ги казнува и вторпат. Не им дозволува да учествуваат на легитимни претседателски избори да ѝ се даде можност на дијаспората да учествува по електронски пат. И не е точно, во изминатите денови да се зборува само за примерот на Франција, можам да ви кажам и многу примери кои во регионот се спроведуваат и користат – рече Мицкоски.
Премиерот повтори дека за Изборниот законик имало конструктивна дебата во рамките на парламентот, онаму каде што и треба да се дебатира.





