Владејачката Комунистичка партија на Кина мора да биде во чекор со променливите околности, а воедно да го зачува напредокот што го постигна, изјави кинескиот претседател Си Џинпинг за време на прославите по повод 105-годишнината од основањето на партијата, објави Ројтерс.
Си не ги наведе конкретните можности или ризици во својот 40-минутен говор. Аналитичарите велат дека побавниот економски раст и демографскиот пад претставуваат клучни предизвици за втората по големина економија во светот.
„Развојот на Кина моментално е во период кога стратешките можности, ризиците и предизвиците коегзистираат “, нагласи Си Џинпинг. Тој ја повика партијата подобро да се координира за справување со домашните и меѓународните проблеми.
Соочени со надворешни предизвици, од западните ограничувања на напредната технологија до турбулентните трговски односи со САД и тензиите околу Тајван, партиските лидери го сметаат за клучна задача да ја консолидираат својата контрола врз сите аспекти на кинеското општество.
Основана од неколку десетици кинески револуционери во 1921 година, партијата денес има над 100 милиони членови, околу 7,2% од населението на Кина . Амбицијата на партијата е да се трансформира од најголемата политичка партија во светот во „најмоќната политичка партија“.
Си апелираше до членовите на Комунистичката партија да ги елиминираат аспектите штетни за развојот и чистотата на партијата, како и сите вируси што го еродираат здравото тело на формацијата.
Откако дојде на власт во 2012 година, Си Џинпинг работеше на потврдување на неоспорениот авторитет на партијата дома. Тој започна една од најголемите акции против корупција во Кина, истражувајќи милиони функционери на сите нивоа.




