Собраниската Комисија за финансирање и буџет ја продолжи расправата по Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот за 2026 година, во второ читање.
На вториот ден од општата расправа по предлог ребаланост на Буџетот за 2026 година, пратениците од владејачкото мнозинство порачаа дека ребалансот, претставува одговор на променетите економски околности, инструмент преку кој Владата ги усогласува јавните финансии со реалните потреби на економијата, институциите, стопанството и граѓаните – нотирајќи зголемени буџетски средства за инвестиции, плати и социјални трансфери, средства за капитални инвестиции, инфраструктурни проекти, инвестиции во водостопанството, комуналната, образовната, здравствената и еколошката инфраструктура…
Според опозицијата наместо вистински реформи, повторно се оди по полесниот пат: поголем дефицит и ново задолжување, посочувајќи дека не се адресираат клучните предизвици со кои се соочуваат граѓаните, како растот на цените, инфлацијата и зголемувањето на буџетскиот дефицит.
Расправата за ребалансот на Буџетот во матичната собраниска Комисија трае 10 дена и продолжува во понеделник во 12 часот. По предлог ребаланост на Буџетот за 2026 година, поднесени се вкупно 224 амандмани, од кои од ДУИ – 87, СДСМ – 78, Левица – 51 и од Коалицијата ВРЕДИ осум амандмани.
Со предложениот ребаланс вкупните приходи се ревидираат на ниво од 379,5 милијарди денари. На приходната страна даночните приходи остануваат речиси на првично планираното ниво и се проектирани на 213,2 милијарди денари. Неданочните приходи бележат значително подобрување и се зголемуваат за речиси два милијарди денари, а донациите бележат пораст од речиси 2,7 милијарди денари.
На расходната страна, вкупните расходи се ревидираат на 425,8 милијарди денари, а дополнителни средства се обезбедени за земјоделските субвенции (1,4 милијарда денари повеќе или вкупно 8,7 милијарди денари), за субвенциите во железничкиот сообраќај, поддршка на спортот, студентскиот и ученичкиот стандард…
Кај расходите за стоки и услуги се врши намалување од приближно 837 милиони денари преку реалокација на средствата и нивно насочување кон приоритетните потреби, а од друга страна, особено значење се придава на развојната компоненета и се обезбедуваат дополнителни средства за капитални инвестиции, кои достигнуваат речиси 46 милијарди денари и се зголемуваат за приближно 5,8 милијарди денари или 14,5 проценти раст во однос на иницијалниот буџет.




