Денеска е потпишан договорот за финансиска поддршка за изградба на автопатот Скопје – Блаце. Изградбата треба да почне од август, а предвидено е автопатот да биде изграден за четири години.
Преку ЕБОР за изградба на автопатот земјава ќе добие 30,8 милиони евра грант.
Бидејќи се работи за исклучително тежок терен кој поминува низ Скопска Црна Гора, предвидено е да има пет тунели, девет мостови, 11 потпатници, четири галерии и 9 потпорни ѕидови за стабилност.
Автопатот треба да биде во должина од 12 километри, а веќе се одвиваат активностите на терен од првата фаза.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски по потпишувањето рече дека веќе се избрани консултант и изведувачот, а дека изборот на надзорот е во процес на евалуација.
Изведувач на работите е домашната градежна компанија „Гранит“.
– Без разлика што немаме излез на море, на овој начин државата може да стане стратешки најважна точка на Балканот, преку која ќе се вкрстуваат бизнисот, трговијата, туризмот и економската размена, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.




