И денешниот обид да се надминат разликите за Изборниот законик завршија без успех. За СДСМ предлогот за електронско гласање или гласање по пошта на дијаспората не е прифатливо бидејќи моделите што ги нуди власта оставаат можност за изборни манипулации.
Пратеничката Јованка Тренчевска вели – и сега дијаспората гласа.
– Дијаспората гласа и во овој момент и апсолутно треба да биде вклучена во гласањето за сите избори, меѓутоа на еден ваков шверцерски начин да се носи закој кој треба да се применува од 2029 година без консензус и без механизами за надзор, за нас е неприфатливо. Треба да седнеме да разговараме, да го најдеме најдобриот модел да ги консутираме европските искуства и тогаш да утврдиме ккао ќе биде гласањето на дијаспората, а вклучително и на граѓаните кои живеат овде во Македонија за изборите во 2029 година, рече Тренчевска на прес-конференција.
ВМРО-ДПМНЕ инсистира на гласање на дијаспората со можност тоа да се реализира по електронски пат или по пошта, а за возврат прифаќање на сите останати барања на опозициските партии.
Од Левица, пак, со предлог – ќе прифатат гласање на дијаспората за претседателските избори, под услов да се усвои предлогот за една изборна заедница.
– Од денешниот состанок, нашето компромисно решение беше – добро, во ред, во насока на демократизација на македонското општество да помине една изборна единица. Ние рековме добро, во ред, ајде како пилот-проект нека биде гласање на дијаспората по пошта само за претседателските избори. Тоа денеска, на мое изненадување, беше прифатено од ВМРО-ДПМНЕ и кажаа дека тоа е фактички став на целата коалиција. Иако ние како партија Левица, мора да кажам, имаме едно основано сомневање дека сепак тука постои договор помеѓу политичките партии – една изборна единица да не помине, изјави пратеникот Борислав Крмов.




