Кривична пријава за двете малолетнички за „насилство“ и кривична пријава за двајца малолетници за „поттикнување“ и „неовластено снимање“ поднесе полицијата за случајот со врсничко насилство во скопската општина Аеродром.
Кривични пријави се поднесени и против пет родители за запуштање и малтретирање дете.
Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека целосно е расчистен случајот од 30 јуни кога во парк во Аеродром малолетнички физички малтретираа друго девојче, а дел од присутните малолетници снимаа со мобилни телефони.
– Од страна на ОКР Аеродром и Драчево во содејство со ОКР Кисела Вода до ОЈО Скопје е поднесена кривична пријава против две малолетнички за сторено кривично дело „насилство“, предвидено и казниво по чл. 386 од Кривичниот законик, против еден малолетник за сторени кривични дела „поттикнување“ предвидено и казниво по член 23 од Кривичниот законик во врска со член 386 став 1 од Кривичниот законик и „неовластено снимање“ предвидено и казниво по член 152 во врска со член 386 став 1 од Кривичниот законик, против еден малолетник за сторено кривично дело „неовластено снимање“ предвидено и казниво по член 152 во врска со член 386 став 1 од Кривичниот законик, како и против родителите И.В., М.В., М.П., И.А. и И.А. за сторено кривично дело „запуштање и малтретирање на дете“ предвидено и казниво по член 201 од Кривичниот законик, информира полицијата.




