Студентите кои престојуваат во студентски домови и кои ненавремено пријавуваат дефекти коишто би предизвикале материјална штета, внесуваат алкохол и дрога во собите и кои неодговорно се однесуваат кон инвентарот може да останат без студентско сместување.
Ова се само дел од измените на Законот за студентски стандард предложени од четири пратенички на ВМРО-ДПМНЕ.
Измените се во собраниска процедура а со нив се заоструваат условите за сместување во државните студентски домови и се утврдува горна старосна граница од 30 години за добивање и користење на место во дом.
Предлог-измените предвидуваат и изрекување воспитни мерки коишто би се изрекле доколку студентот се однесува недолично кон другите студенти и вработените во студентскиот дом, неодговорносе однесува кон имотот и инвентарот на студентскиот дом со што се предизвикува помала материјална штета, не ја почитува забраната за пушење во студентскиот дом, непристојно се однесува во ресторанот на студентскиот дом и не ја одржува хигиената во собата и заедничките простории.




