дома Македонија Рокот за Изборниот законик истекува, партиите се надмудруваат

Рокот за Изборниот законик истекува, партиите се надмудруваат

Рокот за носење на новиот Изборен законик полека истекува, а партиите и понатаму се надмудруваат меѓусебно. Работата е закочена околу начинот на којшто треба да гласа дијаспората – партиите си остануваат секоја на своето.
                           Денеска прес-конференции одржаа и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, но со непроменети ставови. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ја чекаат опозицијата да достави предлози кои ќе ги прифаќат само да остане гласањето на дијаспората по електронски пат или по пошта, а од СДСМ со порака дека не се против гласање на дијаспората туку против начинот на којшто тоа треба да биде изведено.
Пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ со порака дека темата не треба да се политизира.
– В понеделник е веќе 13 јули, крајниот рок што ги имаме како држава да ја заокружиме оваа цел за да имаме 10 од 10 исполните задачи. Краен рок е 15 јули, сметаме дека оваа тема е пресериозна за да се политизира на истата. Во изминатиот период конкретно од вторникот досега слушнавме многу изјави од јавноста од многу политички актери, особено од опозицискиот блок во кој што имаше различни идеи кои што повторно значат реафирмирање на некакви ставови и за финансирањето и едната изборна единица. Конкретно, ние ја свикаме оваа прес-конференција уште еднаш да апелираме да седнат и да се договорат. Сѐ што тие партии од опозицијата конкретно ДУИ, СДСМ, Левица, како и од блокот на Зијадин Села и Арбен Таравари и ќе го стават во еден законски текст, ние ќе го прифатиме, изјави Стојановски.
Портпаролката на СДСМ и член на ИО на СДСМ Богданка Кузеска со порака дека не се против гласање на дијаспората бидејќи таа тоа право го има и сега туку против начинот на кој гласањето треба да се спроведе. Кузеска го обвини ВМРО-ДПМНЕ дека ја манипулира јавноста преку Изборниот законик.
– Ние сме јасни: дијаспората има право да гласа. Тоа право го имала и досега и дијаспората гласа со постојниот модел. Ние не сме против тоа право. Ние сме против неконтролирано гласање кое отвора простор за масовна изборна кражба, изјави портпаролката на СДСМ.

ПредходнаЕУ бара од Фејсбук и Инстаграм да го променат својот „зависен дизајн“ и се заканува со казни
СледнаЕкстремна топлина во Франција: Активирани вонредни мерки и откажани прослави