По објавата на социјалните мрежи на девојката од Куманово која јавно побара помош да биде хоспитализиран нејзиниот татко алкохоличар во психијатриска установа, помош понуди пратеничката од СДСМ Славјанка Петровска.
Во објава на Фејсбук, Петровска понуди привремено безбедно сместување за Меланија и нејзиното семејство и ги повика општествено одговорните компании, организации и хумани луѓе за да се обезбеди подолгорочна поддршка и достоинствени услови за нивното секојдневие.
– Не смееме да дозволиме никој да остане сам кога бара помош. Не смееме да чекаме трагедија за да покажеме солидарност. Очекувам надлежните институции да преземат сè што е потребно за да го заштитат ова семејство и да спречат каква било можност за ново насилство. Заштитата на жртвите мора да биде над сè, пишува Петровска во објавата.
Петровска во објавата директно и се обраќа и на Меланија да ја контактира за да може веднаш да се организира конкретна помош за неа и нејзиното семејство.
– Нема да дозволиме оваа борба да ја водите сами. До Меланија и нејзиното семејство – не сте сами. Ќе останеме со вас и ќе помогнеме колку што можеме, сè додека не бидете безбедни, вели Петровска.




