На сцената на Центарот за култура „Григор Прличев“ синоќа беше изведена првата театарска претстава – драмата „Татко“ од Флоријан Зелер во режија на Иван Поповски.
Со овој театарски проект, големиот бард на македонскиот театар Бајруш Мјаку го заокружува своето 53-годишно патување во светот на уметноста придружуван од актерите Амернис Нокшиќи, Фисник Зеќири,Сабина Мемиши Асланај,Мелика Кастрати и Флакрон Алији.
– Одлуката да го реализирам овој проект, односно да ја заокружам мојата 53-годишна уметничка кариера, беше болна – исто толку колку и ликот на таткото во драмата „Таткото“ од Флоријан Зелер, кој во поодмината возраст боледува од болеста на заборавањето – Алцхајмер. Главниот во семејството, таткото, ја губи сопругата и останува сам со својата ќерка. Во сообраќајна незгода умира и таа, но таткото заради болеста не знае и ја чека да се врати. На крајот и тој им се придружува. Покрај исклучителната театарска вредност на текстот, сметам дека со овој материјал отвораме едно мошне актуелно прашање што го зафаќа целиот свет и сè повеќе ни се приближува – Алцхајмеровата болест, вели актерот Мјаку.
Првата соработка меѓу него и режисерот Поповски се случила пред 25 години со „Дневникот на лудиот“ од Гогољ.
– Ова ми е десетти проект со продукцијата. Инаку сите што сум ги реализирал досега почнувајќи од „Дневникот на лудиот“ се покажаа како мошне успешни. Единаесеттиот проект ќе биде телевизискиот филм „Татковите книги“ од покојниот Луан Старова во режија и по сценарио на Русомир Богдановски, појаснува Мјаку.
Претставата е во продукција на „ Театарот на еден актер“. Сценографијата ја изработи Енес Деари, а костимограф е Изет Цури.
Независната продукција „Театар на еден актер“ – Скопје е една од најуспешните независни продукции во земјава. Нејзините претстави досега се одиграни на бројни културни сцени во светот: Париз, Виена, Москва, Санкт Петербург, Киев, Истанбул, Адана, Кишињев, Скиен (Норвешка), Улан Батор, Њујорк и во многу други градови.




