Силна песочна бура го погоди Истанбул доцна попладнево пред поројниот дожд, небото се затемни, ветерот корнеше дрвја и крена покриви, а возачите имаа проблеми поради намалена видливост поради облаци прашина.

Поради силни ветрови и неповолни временски услови, некои авиони кои се обидуваа да слетаат на аеродромите Истанбул и Сабиха Гокчен беа принудени да кружат во воздух, објави порталот „Сон дакика“.
Деца кои си играа на улица и минувач речиси беа згмечени од покрив кој се открши под налетите на ветер во истанбулската населба Есенлер, а настанот беше снимен од безбедносна камера, објавува ТРТ Хаберлер.
Силните јужни ветрови кренаа високи бранови во близина на Ускудар, отежнувајќи го движењето на граѓаните по крајбрежјето.
Ветрот откорна дел од шатор поставен на плажата и падна врз едно лице.
Во централниот истанбулски округ Фатих, Лалели, дрво падна на патот, предизвикувајќи кратки прекини во сообраќајот.
Покриви беа однесени и од згради во населбите Зејтинбурну и Бејоглу, а дрво што падна на улица во Бахчелиевлер удри во паркиран автомобил.
Силните ветрови, придружени со слаб дожд на некои места, следеа по топлотниот бран што доведе до температури над 35 степени Целзиусови во Истанбул.
Метеорологот Адил Тек за „Сабах“ изјави дека нов систем на дождови доаѓа во Турција од Бугарија и Романија, кој прво ги погоди Едрене и Киркларели навечер, а потоа, дождот ќе ја зафати цела Тракија, особено европската страна и северните делови на Истанбул.
„Врнежи се очекуваат и во петок и сабота. Температурата значително ќе се намали, особено во текот на викендот. Во некои области, дневната температура ќе биде од 24 до 25 степени Целзиусови, додека ноќната температура ќе се спушти на 22 степени Целзиусови“, објави Тек.




