Осум случаи на западно-нилска треска се регистрирани во земјава заклучно со денес. Шест пациенти се заразиле во државава, а еден патувал за Грција, но дел од инкубацискиот период покрива и престој во земјава.
Најголем дел од заболените се во Скопје и Велес. Од регистрираните осум случаи, седум с е мажи, а една е жена. Најголем дел се на возраст над 60 години, а две лица се на возраст од 50-59 години.
Сите заболени се хоспитализирани поради невроинвазивна инфекција.
Податоците што денеска ги објави Институтот за јавно здравје покажуваат дека во оваа сезона првиот регистриран случај на Западно-нилска треска во европскиот регион е регистриран во Македонија.
На европско тло до 22 јули регистрирани се 35 региони во кои се појавува вирусот, а Македонија е на четврто место.
На прво место е Италија со пријавени 20 случаи, потоа следи Грција со шест случаи, Романија со четири, Македонија тогаш имала два случаи заедно со Шпанија и во Франција до тогаш бил регистриран еден случај.
Станува збор за вирус кој се пренесува преку каснување од заразен комарец. Периодот на инкубација е од 3 до 14 дена. Околу 80 проценти од заразените поминуваат без никакви симптоми, но кај 20 проценти може да предизвика и посериозни здравствени компликации. Се манифестира со треска, а потешките форми со воспаление на мозокот и мозочните обвивки и појава на парализа.




