Гостиварци конечно може да ја користат водата за капење и за домаќински потреби како миење на приборот за јадење, чинии, чаши, но не и за пиење.
Раководителката на Секторот за санитарна контрола во скопски Водовод Емилија Аневска денеска соопшти дека биле земени примероци од шест локации во градот и дека кај сите примероци три дена последователно е забележано отсуство на колиформни бактерии.
– Кај сите примероци три дена последователно е забележано отсуство на колиформни бактерии и поради тоа што е вршено хлорирање со поголема концентрација од вообичаената, кај примероците не е констатирано присуство на трихалометани над дозволените граници, рече Аневска денеска на прес-конференција.
Следните денови ќе биде зголемен бројот на мерни места и ќе се прави основен преглед согласно Правилникот за вода за пиење, со што со континуиран мониторинг ќе може да се потврди кога водата ќе може да се користи и за пиење.




