Австриската влада усвои нацрт-закон со кој ќе им забрани на децата и младите помлади од 14 години да користат социјални мрежи како TikTok, Instagram, Facebook, YouTube и Snapchat. Целта на мерката е да се заштитат најмладите од алгоритми што создаваат зависност, онлајн насилство, радикализација и штетни содржини.
Австрискиот канцелар Кристијан Штокер изјави дека станува збор за „важен чекор за подобра заштита на децата и младите“, додавајќи дека законот е дел од пошироките мерки за зголемување на безбедноста во земјата.Вицеканцеларот и министер за медиуми Андреас Баблер нагласи дека политичарите имаат обврска да ги заштитат децата од негативното влијание на дигиталните платформи.
„Добро ни се познати штетните ефекти од овие платформи. Децата имаат право на заштита, а училиштата и родителите не треба сами да ја носат оваа одговорност“, рече Баблер.
Законот нема да се однесува на конкретни компании, туку на сите дигитални сервиси што користат алгоритми за подолго задржување на корисниците. Исклучок ќе бидат апликациите за размена на пораки, како што е WhatsApp.
Проверка на возраста без откривање лични податоци
Австрија планира да воведе систем за проверка на возраста преку независни и сертифицирани даватели на услуги. Една од опциите е користење на државниот дигитален идентитет ID Austria, но ќе бидат дозволени и други сертифицирани решенија.
При регистрација, корисникот ќе ја потврдува својата возраст кај независен посредник, а социјалната мрежа ќе добива само информација дали лицето има повеќе од 14 години, без пристап до лични документи, адреса или други чувствителни податоци.
Казни до шест проценти од годишниот промет
За технолошките компании што нема да ги почитуваат новите правила се предвидени казни до 6 проценти од нивниот годишен промет, што за најголемите платформи може да значи и милијардски износи. Надзорот над спроведувањето на законот ќе го врши австриската регулаторна агенција KommAustria.
Доколку законот биде усвоен во парламентот, Австрија ќе стане една од првите европски земји што воведува ваква сеопфатна забрана за користење социјални мрежи за деца помлади од 14 години.




