дома Македонија Граѓански организации бараат стопирање на законот за проектот Скопје европска престолнина на...

Граѓански организации бараат стопирање на законот за проектот Скопје европска престолнина на културата

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата бара Собранието да гос стопира донесувањето на Законот за спроведување на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028 година“ поднесен од група пратеници што денеска е на пленарна седница.
Платформата предупредува дека со предложениот Закон се предвидува основање на Фондација „Европска престолнина на културата – Скопје 2028 година“ и за набавките на таа Фондација да не се применува Законот за јавните набавки.
-Платформата смета дека Фондацијата, која ќе биде основана од Град Скопје и финансирана од буџетот, а и од пари од Европската Унија, е правно лице кое по сите основи треба да има статус на договорен орган кој мора да ги применува одредбите од Законот за јавните набавки. Исклучувањето на идната Фондација како договорен орган од обврската да го почитува Законот за јавни набавки создава нееднаквост на институциите пред законот, предупредуваат од Платформата.
Нагласуваат дека го препознавааат исклучителното културно и општествено значење на проектот и потребата тој да биде навремено и успешно реализиран, но дека значителните јавни средства што ќе бидат употребени за неговото спроведување, бараат повисоко, а не пониско ниво на транспарентност, отчетност и заштита од корупција.
– Платформата предупредува дека усвојувањето на ваков закон создава преседан. Изземањето на еден субјект од Законот за јавните набавки со посебен закон воспоставува опасност со високи ризици од корупција која може да се повтори за секој иден проект прогласен за приоритетен, оценуваат од Платформата.
Дополнително, иако Советот на Град Скопје ја основа Фондацијата како правно лице, градоначалникот е тој што ги именува и разрешува членовите на правниот и Надзорниот одбор на Фондацијата, а не Советот.
– Покрај широката дискреција што му е доделена на градоначалникот во процесот на именување и разрешување, за овие функции како и за функцијата директор, не се предвидени никакви минимални критериуми и стандарди што кандидатите треба да ги исполнуваат, ниту е пропишана ниту постапка за спроведување на изборот. Вака поставениот предлог закон не создава услови со кои се гарантира избор на стручни и професионални кадри што ќе управуваат со Фондацијата, велат од Платформата.
Предлогот, забележуваат од Платформата, е поднесен по скратена постапка, не е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи и за него не е спроведена антикорупциска проценка на регулативата.
Платформата ја повикува и Државната комисија за спречување на корупцијата да го разгледа Предлог-Законот од аспект на корупциските ризици и да достави мислење до јавноста и до Собранието.

ПредходнаЛукровски: Граѓаните од Карпош ќе можат да поднесат барање за обесштетување од невремето
СледнаУспешна конференција на СФЕРА Интернатионал од проектот GivEUvoice