
Европската Унија објави план за финансирање на изградба на седум компјутерски центри вредни повеќе милијарди евра за обука на модели на вештачка интелигенција во Европа.
Планот предвидува поддршка за седум индустриски конзорциуми кои се подготвени да градат „гигафабрики“ за вештачка интелигенција со цел да и помогнат на Европа да го држи чекорот во трката за вештачка интелигенција.
На компаниите за вештачка интелигенција им е потребна огромна количина на компјутерска моќ за обука на напредни модели, што ги поттикнува напорите за изградба на специјализирани центри за податоци. Целта на ЕУ е да поддржи четири помали центри за податоци, секој поткрепен со 25.000 до 75.000 специјализирани чипови за вештачка интелигенција, и три поголеми, секој напојуван со 40.000 до 100.000 чипови.
Комисијата ќе ги избере победничките понуди до почетокот на следната година, по што компаниите ќе имаат 18 месеци да ги изградат центрите. Оние кои се заинтересирани за помал проект би можеле да добијат до една милијарда евра јавно финансирање, додека поголемите проекти би можеле да добијат до две милијарди евра.
Јавното финансирање не треба да надминува 35 проценти од вкупната инвестиција, но Комисијата вели дека во комбинација со приватни средства, инвестицијата би можела да достигне 30 милијарди евра.
Законодавците на ЕУ и набљудувачите од индустријата покренаа прашања во врска со плановите, вклучително и дали ќе има доволна побарувачка од компаниите за вештачка интелигенција за компјутерската моќ генерирана од центрите за податоци и дали тие ќе ја продолжат зависноста од странска технологија со оглед на тоа што сите напредни компјутерски чипови се произведени во САД.
Висок функционер на Комисијата ги отфрли тие критики, велејќи дека сегашната инфраструктура е веќе „заситена со побарувачка“. Тој призна дека американските добавувачи на чипови за вештачка интелигенција се „сеприсутни“, но рече дека другите добавувачи би можеле да помогнат во следната фаза на надградба на објектите.
За да добијат поддршка, конзорциумите имаат потреба од поддршка од најмалку една национална влада. Германија, Грција, Португалија, Италија и Шпанија ги поддржуваат напорите за изградба на поголеми центри за податоци, додека Чешка, Данска, Финска, Франција и Полска се натпреваруваат за помалите хабови.
Проектите би можеле да се соочат со локално противење, поради загриженоста за зголемената потроѓувачка на енергија и вода на центрите за податоци што го придружува глобалниот бум на вештачката интелигенција.
Но, Комисијата уверува дека ќе бара понудувачите да документираат како ќе ја имплементираат оваа технологија на одржлив и енергетски ефикасен начин.




