Министерството за здравство покрена итна истрага и вонреден инспекциски надзор во три здравствени установи, по бранот реакции во јавноста за случајот со 19-годишната родилка од Струмица која остана парализирана по породување со царски рез.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) веќе ги чешла Општата болница во Струмица, Клиничката болница во Штип и Универзитетската клиника за неврологија во Скопје. Надлежните најавуваат детално комплетирање на медицинската документација, по што стручна комисија ќе донесе конечен заклучок дали станува збор за лекарска грешка.
Од Министерството за здравство потенцираат дека правото на пациентката на достоинство и заштита на личните податоци е неприкосновено. Тие апелираат до медиумите и јавноста да се воздржат од предвремени осуди и шпекулации.
„Случајот ќе биде разгледан темелно, професионално и до крај. Ниту еден аспект нема да биде изоставен, а доколку се утврдат пропусти, ќе бидат преземени соодветни мерки согласно законските прописи“, соопштуваат од Министерството.
Од таму додаваат дека одговорноста на медицинските работници ќе се утврдува исклучиво врз основа на факти, а не преку линч во јавноста.
Случајот ја потресе јавноста откако 19-годишна девојка од Струмица по породувањето со царски рез во струмичката болница и аплицирана спинална анестезија наместо да закрепне целосно ја изгубила подвижноста во нозете и развила параплегија, по што нејзиното семејство јавно обвини за лекарска грешка и несоодветен третман додека младата мајка итно била префрлана прво во Клиничката болница во Штип, а потоа на Клиниката за неврологија во Скопје на дополнителни истражувања, додека паралелно раководството на штипската болница веќе најави формирање сопствена стручна комисија за евалуација на случајот со тврдење дека при прегледите кај нив не биле воочени хируршки пропусти во нивниот домен на лекување.




