Двете најголеми партии од македонскиот блок денеска повторно во клинч околу набавката на водата за пиење за Гостиварци. Владата вели флашираната вода е набавена од Кожувчанка преку тендер, од СДСМ тврдат дека е земена со спогодба.
– Во однос на набавката на флаширана вода, точно е дека постапката со преговарање ја спроведе Службата за општи и заеднички работи и обезбедува вода бесплатно за граѓаните, а договорот преку тендер го доби компанијата „Кожувчанка“. Но, исто така е факт дека шише вода од 1,5 литри кое во малопродажба чини најмалку 25 денари, Владата го набавува по цена од 12,5 денари. Тоа е возможно затоа што компанијата „Кожувчанка“ учествува во набавката со сопствен придонес, со цел да им се помогне на граѓаните и институциите во услови на кризна состојба, велат од Владата.

СДСМ, објавувајќи дел од договорот, велат – Владата лаже.
– Во самиот договор пишува црно на бело: постапка со преговарање без објавување оглас“. Нема јавен оглас. Нема тендер. Има спогодба. И тоа со фирма чијшто градоначалник е нивен човек, член на Извршниот одбор, поранешен потпретседател, посочува СДСМ.




