Опозициската СДСМ денеска за случајот со загадувањето во Гостивар поднесе кривична пријава против министерот за здравство Сашо Клековски, директорката на Институтот за јавно здравје Марија Андоновска, директорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Кирил Лазов и против директорот на Центарот за јавно здравје од Тетово, Шпенди Амети.
– Помина повеќе од еден месец, цел град Гостивар беше отруен со загадена вода. Речиси 5.000 граѓани завршија во болница. Здравствена катастрофа и тотален распад на институциите. Одговорност од власта, од здравствените институции досега нема. Од никого. А нема ниту чиста вода во Гостивар. Четири недели власта на Мицкоски си поигрува со најскапото нешто – здравјето на луѓето. Јавното обвинителство молчи, ги игнорира повиците да преземе конкретни чекори, изјави Јон Фрчковски пред Јавното обвинителство.
Кривичната пријава е поднесена за сите системски пропусти, непостапувања, непреземања на законските надлежности од страна на здравствените и инспекциските институции.
– Основани се сомненијата дека во периодот од јуни 2026 година па се до денес, во својство на службени или одговорни лица во институциите со кои раководат, не презеле дејствија и мерки за заштита на здравјето и спречување на последиците од загадувањето на водата во Гостивар. Не се придржувале кон прописите за заштита на луѓето и животната средина и луѓето, посочи Фрчковски.




