дома Свет Руте: Упадите во воздушниот простор на Полска и Романија се неодговорен чин...

Руте: Упадите во воздушниот простор на Полска и Романија се неодговорен чин на Русија

Русија сноси целосна одговорност за неодамнешните упади во воздушен простор на Полска и Романија, заклучија денеска членките на НАТО, изразувајќи солидарност со двете земји сојузнички.

„Овие инциденти се уште еден неодговорен чин на Русија и опасна последица од нејзината војна против Украина“, изјави генералниот секретар на НАТО, Марк Руте на состанокот на кој главна тема беа повредите на воздушниот простор на источното крило на Алијансата.

Изминативе недели, неколку дронови навлегоа во романскиот воздушен простор. Претседателот на Романија, Никушор Дан рече дека е неприфатливо и недозволиво Кремљ да продолжи да го нарушува воздушниот простор на неговата земја.

Крстосувачка ракета падна во Полска на 29 јули. Полскиот премиер Доналд Туск објасни дека станува збор за вооружен дрон, кој веројатно бил руски и кој се урна на 50 километри од градот Лублин.

Во сооштението од состанокот се вели дека сојузниците изразиле солидарност со Романија и Полска во врска со упадите и ја осудиле Русија за нејзините неодговорни постапки.

„Сојузниците повторија дека Русија сноси целосна одговорност за нарушувањата на воздушниот простор, кои се опасни и неприфатливи и го демонстрираат зголеменото преземање ризици од страна на Русија“, се нагласува во соопштението.

Земјите членки на НАТО ја потврдиле и поддршката за Украина. „Сојузниците нагласија дека овие и други неодговорни дејствија на Русија нема да ги одвратат од нивната континуирана посветеност на Украина, бидејќи нејзината безбедност придонесува и за нашата“, се вели во соопштението на НАТО.

ПредходнаДенес рекорден број пожари за ова лето