дома Без филтер Авганиистан пет години по враќањето на талибанците на власт: Глад, изолација и...

Авганиистан пет години по враќањето на талибанците на власт: Глад, изолација и угнетување

Талибанците во Авганистан денеска слават пет години од враќањето на власт. Сепак, ќе има малку вистинска прослава, бидејќи земјата е во тешка состојба. Покрај ескалацијата на тензиите со соседен Пакистан и бруталните кршења на човековите права, третина од Авганистанците гладуваат.

Да почнеме барем со една светла точка од преземањето на власта на талибанците – бројот на напади во Авганистан драстично се намали. Помалку терор обично води до поголема стабилност, но дел од земјата се најде на удар на соседен Пакистан откако се разгореа тензиите меѓу двете држави, а Аганистан не беше поштеден ниту од елементарни непогоди.

Експертката за јавно здравје Хедвиг Деконинк, која редовно патува во Авганистан, вели дека отсуството на напади, придонесува за смирувачка состојба за Авганистанците. Сепак, според неа, само мал број Авганистанки се осмелуваат сами да излезат на улица, бидејќи постојат ризици дури и ако се во друштво на машка придружба.

„На пример, двојка што ја познавам доби парична казна затоа што жената седеше напред таксито, а не нејзиниот сопруг. Авганистанските девојки и жени кои се појавуваат на јавни места секогаш се изложени на ризик да бидат произволно уапсени. Тие се често малтретирани и злоупотребувани, вели Деконинк.

Отпор кон талибанците

Со враќањето на јавното физичко казнување, егзекуциите, кратењето на слободите, легализчкацијата на детските бракови и на насилството од машките партнер и исклучувањето на жените од образованието, пазарот на трудот и јавните простори, Авганистанците плаќаат висока цена за релативната стабилност во земјата.

„Авганистан стана политички изолирана, социјално фрагментирана и економски осиромашена држава по падот на Кабул“, објаснува шефот на Политичкото биро на Фронтот на националниот отпор, Абдула Кенџани,

Според него, талибанските власти се одговорни за економското осиромашување на милиони луѓе.

„Сè повеќе Авганистанци стануваат зависни од меѓународната хуманитарна помош, додека таа самата помош опаѓа поради буџетските кратења“, вели Кенџани.

Веднаш по повлекувањето на трупите на НАТО во август 2021 година, Фронтот на националниот отпор го презеде водството во вооружениот отпор против талибанците. На чело на Фронтот е Ахмад Масуд, кој со тоа тргна по стапките на неговиот убиен татко и херој на отпорот кон талибанциот режим.

„Поради недостигот на значајна меѓународна поддршка, Фронтот плача висока цена. На пример, убиени се повеќе од 1.000 негови борци. Поддржувачите на Фронтот беа заплашувани, произволно приведувани или затворани. Како одмаздничка мерка, населението е колективно казнувано“, појаснува Кенџани.

И покрај загубите, Фронтот продолжува со мали напади против талибанците. Од странство, Масуд, заедно со други антиталибански симпатизери, се залага за подемократски Авганистан, вклучително и организирањето на конференции во Виена.

Покрај вооружениот отпор, има и граѓанска непослушност. Некои тинејџерки посетуваат настава во тајни училишта. Мажи се појавуваат во западна облека или се одлучуваат за забранети фризури.

Повремено, жителите излегуваат на улица, како што направија минатиот јуни во Херат. Мажи и жени протестираа заедно против апсењата на жени кои наводно не го почитувале кодексот на облекување. За време на протестот, наводно, талибанците застрелале двајца демонстранти, иако тие тоа го негираат.

Степенот на отпорот на граѓаните, сепак, мора да биде нијансиран.

„Постои значајна разлика помеѓу градовите и селата. Традиционално, во селата живеат многу помалку образовани луѓе. Следствено, во селата е многу поприсутна идејата дека образованието за жените не е задолжително и дека нивното место е дома со семејството“, објаснува Деконинк.

Апел за поддршка

Фактот дека над шест милиони претежно сиромашни Авганистанци се присилно вратени од соседните Пакистан и Иран во текот на изминатите три години, создава огромен притисок. Со несоодветни услови за домување и работни места, земјата едноставно не може да се справи со овој прилив.

Според Програмата за развој на ОН (УНДП), авганистанската економија во меѓувреме се намали за 26 проценти. Без идни перспективи, некои повратници размислуваат повторно да заминат, но овој пат не во соседните земји, туку подалеку на Запад.

Првиот човек на УНДП, Александар Де Кро при неодамнешната посета на Авганистан, го повика Западот да инвестира во обновата на земјата. „Со инвестирање пари во индустријата и земјоделството, може да се бориме против сиромаштијата. На овој начин, земјата може да се промени структурно“, изјави Де Кро.

Самата УНДП обезбедува микрокредити, вклучително и за жени претприемачи, за да можат Авганистанците да започнат свои бизниси. Исто така, Програмата ги поддржува поранешните одгледувачи на афион кои преминуваат на легални земјоделски активности, откако талибанците го забранија одгледувањето афион, од кој се прават хероин и опиум.

Се чини дека талибанците не ја одбиваат западната поддршка, иако УНДП бара нешто од нив за возврат.

„Побаравме поголема отвореност кон човековите права, правата на жените и политичките слобода. Талибанците во Кабул се чини дека се отворени за ова, но сепак останува прашањето како ќе реагира нивниот верски водач во Кандахар, рече Де Кро.

Јаз меѓу Кабул и Кандахар?

Во Кандахар, главното упориште на талибанците, доминира конзервативното крило на режимот, додека во Кабул се чини дека доминираат поумерени сили. Се сугерира дека јазот меѓу Кабул и Кандахар расте, па прогресивните Авганистанци се надеваат дека „кабулските талибанци“ на крајот ќе помогнат да се направи пресврт.

Но, Кенџани не верува во тоа. Тој истакнува дека различните ставови се засноваат на софистицирана стратегија.

„И умерените и тврдокорните талибанци работат според меѓусебно договорени правила, утврдени од елитата во Кандахар. Се работи за нивни заеднички интереси“, вели Кенџани.

Според него, талибанците ја користат стратегија на „добар и лош полицаец“, со цел „добрите од Кабул“ да обезбедат дипломатска толеранција од Западот.

„Западната нарација за внатрешната модерација е илузија. Таа не ги одразува вистинските промени во политиката во рамките на режимот“, вели Кенџани.

Тој, исто така, истакнува дека режимот на талибанците успева да ја одржи својата позиција првенствено преку принуда, изнудување и индоктринација на својата идеологија. Според него, загрижувачки е што сега има повеќе религиозни, отколку јавни училишта, каде што талибанската идеологија се пренесува некритички.

Покрај тоа, Кенџани предупредува дека Авганистан останува рај за транснационалните џихадистички мрежи и регионалните екстремистички групи, како што е пакистанскиот огранок на талибанците.

„На овој начин, режимот создава плодна почва за радикализација. Тоа би можело да претставува директна закана на долг рок. Не само за регионалната, туку и за меѓународната безбедност“, вели Кенџани.

Со тоа се согласува и Де Кроо, кој вели дека ризикот од зголемување на радикализацијата, од напади на Запад и од масовна миграција кон Европа, ќе биде висок ако Авганистан се остави сам на себе.

„Едноставно од историјата знаеме дека ако му свртите грб на Авганистан, подоцна ќе платите висока цена за тоа“, вели Де Кро.

ПредходнаЗaтeмнyвaњeтo нa coнцeтo ja чини Beлиĸa Бpитaниja нaд 3,5 милиoни фyнти
СледнаНајголем шумски пожар во историјата на Белгија: Уништени 1.600 хектари површина