Петнаесетгодишник е приведен откако со остар предмет повредил соученик во стомакот. Инцидентот се случил во основното училиште „25 Мај“ во населбата Ченто.
На 11.05.2026 во 14:50 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје лишија од слобода 15-годишник од Скопје, постапувајќи по претходна пријава од општинско основно училиште на подрачјето на Гази Баба, дека пријавениот влегол во училиштето и со остар предмет му нанел тешки телесни повреди на 15-годишен ученик во училиштето. Предметот е одземен и по целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава, информира денеска МВР.
Полицијата информира за уште еден случај на врсничко насилство. За време на еднодневна екскурзија организирана од страна на училиште од општина Аеродром неколку ученици биле физички нападнати од страна на неколку малолетници, а на еден ученик му бил одземен и личен накит.
– Во 16:13 часот во СВР Скопје, А.К.(47) од Скопје пријави дека во периодот од 11:00 до 12:00 часот во парк шума Гази Баба, неговиот 13-годишен син и двајца негови соученици, додека биле на еднодневна екскурзија преку училиштето во кое учеле, биле физички нападнати од неколку малолетници. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, информира МВР во полицискиот билтен.




