Европските лидери се подготвени да ја преземат водечката улога во разговорите за ставање крај на руската инвазија на Украина и се подготвуваат да преговараат со рускиот претседател Владимир Путин, во тесна координација со САД, изјави денес портпаролот на германскиот канцелар Фридрих Мерц, Стефан Корнелиус.

„Ново, верувам, е што овој процес сега добива нов импулс во Европа“, рече Корнелиус по состанокот на лидерите на Украина, Франција, Германија и Велика Британија, што се одржа синоќа, објави Политико.
Тој рече дека ново е што европските земји го преземаат и го продолжуваат процесот на преговори што досега главно го водеа САД и дека тоа го прават „во тесна координација со САД“.
Корнелиус рече дека европските лидери ќе продолжат со дискусиите за нивниот пристап кон потенцијалните мировни разговори меѓу Украина и Русија на состанокот на Г7 во Евиан, Франција, и за време на самитот на Европскиот совет во Брисел следната недела.
„Ни е потребна најширока можна поддршка од сите европски партнери, за да можеме навистина да се стремиме кон мир“, рече тој.
Корнелиус рече дека „може да бидат потребни недели или дури месеци“ за да се донесе Путин на преговарачка маса и дека „само силна Украина и притисок врз Русија ќе го убедат Путин да се повлече“.
Тој нагласи дека Европа мора да биде подготвена за тој момент.
„Исто така, треба да воспоставиме подготвеност за дијалог и да се договориме за условите под кои воопшто можат да се водат такви разговори. Сето ова е дел од подготовката“, заклучи Корнелиус.




