дома Свет Аксиос: САД и Иран денес ќе потпишат нов договор за прекин на...

Аксиос: САД и Иран денес ќе потпишат нов договор за прекин на огнот електронски на виртуелен состанок

Се очекува САД и Иран, со посредство на Пакистан и Катар, а со учество на Египет и Турција, денес да одржат виртуелен состанок и електронски да потпишат меморандум за разбирање со кој ќе се продолжи прекинот на огнот за 60 дена, повторно ќе се отвори Ормутскиот теснец и ќе се започнат нови преговори за нуклеарната програма на Иран, објави синоќа Аксиос, повикувајќи се на извори.

 

Се очекува меморандумот за разбирање да придонесе за прекин на конфликтот во регионот и потенцијално да се стабилизираат глобалните енергетски пазари.
Според извештајот, ова е резултат на речиси тримесечни преговори меѓу Вашингтон и Техеран, кои беа посредувани од Пакистан, Катар, Египет и Турција.
Американски и извори од земјите посредници потврдија дека потпишувањето ќе се одржи виртуелно од логистички причини.
Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф во саботата на платформата X изјави дека страните се „поблиску до мировен договор од кога било досега“ и дека се очекува договорот да биде завршен во следните 24 часа, по што ќе следи електронско потпишување, а потоа и технички преговори следната недела.

Кратко потоа, пакистанското Министерство за надворешни работи потврди дека е закажана виртуелна церемонија на потпишување за недела.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно вчера на својата мрежа Truth Social изјави дека договорот е закажан за денес и дека, веднаш по неговото потпишување, Ормутскиот теснец ќе биде отворен за сите бродови.
Сепак, Корпусот на исламската револуционерна гарда (ИРГК) синоќа објави дека договорот меѓу Иран и САД нема да биде потпишан денес, отфрлајќи ги претходните тврдења на американскиот претседател Доналд Трамп, со оценка дека неговото инсистирање на тој рок претставува притисок врз иранскиот преговарачки тим.

ПредходнаПортокалово временско предупредување издадено денес за поголемиот дел од Хрватска
СледнаЗеленски: Украина ги прави најголемите жртви за Европа