„За Изборниот законик немаше консензус – во последен момент е вметнат член што предвидува казни до 8.000 евра за објави на социјалните мрежи“, вели Исмаил

Реџеп Исмаил преку објава на социјалните мрежи изнесе сериозни критики за процесот на подготовка на измените на Изборниот законик, посочувајќи дека дел од предложените решенија не биле усогласени со принципот на консензус.
Како еден од учесниците во работната група при Министерството за правда, Исмаил тврди дека немало согласност ниту за електронското гласање на дијаспората, ниту за, како што наведува, спорниот член 76-ѓ, кој според него воспоставува механизам за цензура на социјалните мрежи.
„Не само што немаше консензус за електронското гласање на дијаспората, туку немаше консензус ниту за скандалозниот нов член 76-ѓ, кој буквално воспоставува механизам на власта за цензура на социјалните мрежи“, напиша Исмаил.
Тој дополнително посочи дека работната група работела без независни експерти и без стручна верификација на предлозите, што, според него, ги ставило помалите политички субјекти во понеповолна положба.
Во својата објава, Исмаил упати критики и кон Министерството за правда и партијата ЗНАМ, тврдејќи дека во првичната драфт-верзија на Изборниот законик не била предвидена распределба на средства за платено политичко рекламирање за третата партија со пратеничка група, и покрај забелешките на ОБСЕ/ОДИХР.
Исмаил оцени дека ваквиот пристап отвора сериозни прашања за начинот на кој се подготвуваат измените на Изборниот законик.




