Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис денес ги посети повредените во нападот врз три куќи на членови на Нова демократија во Солун и изрази уверување дека сторителите ќе бидат изведени пред лицето на правдата.

Тој ги опиша одговорните за нападот како „обични криминалци“ и изрази апсолутна доверба во грчката полиција и судските власти, и најави дека тие ќе бидат идентификувани и ќе бидат повикани на одговорност, пренесува Прототема.
„Насилството нема место во организирано општество. Оние кои ја носат мантијата на социјална борба за да извршуваат вакви дела не се ништо повеќе од обични криминалци. Ќе ги пронајдеме оние што го извршиле овој гнасен чин и ќе ги изведеме пред лицето на правдата“, рече Мицотакис.
Во исто време, тој им се заблагодари на медицинскиот персонал за грижата што им ја пружаат на повредените и на Афродита Нестори и нејзините родители.
„Сакам да им се заблагодарам на лекарите и медицинскиот персонал од болницата Хипократ за грижата што им ја пружија на повредените, но и за грижата што им ја пружаат на Афродита Нестори, нејзината мајка и нејзиниот татко. За жал, нејзината мајка е во критична состојба. Се надеваме и посакуваме сè да помине добро“, рече грчкиот премиер.
Цели на нападите беа домовите на претседателот на Извршниот комитет на Нова демократија во Солун, Зисиос Јоакимовиц, поранешниот пратеник Савас Анастасијадес и политичарката Афродита Нестори.
Според информациите, во сите напади сторителите биле на мотоцикли.
Најтешкиот од трите напади се случил во 04:35 часот, кога пожар, веројатно предизвикан од резервоар за гориво, се проширил на два автомобила и два мотоцикли.
Едно од возилата е на Афродита Нестори.
Пет лица се повредени во инцидентот, нејзината 70-годишна мајка претрпе тешки изгореници по целото тело и е на интензивна нега.
Афродита Нестора добила помали изгореници на екстремитетите, додека нејзиниот татко и уште двајца жители на зградата биле однесени во болница со респираторни проблеми.




