Моето учество во „Разговорите за Македонија“ не е против СДСМ, туку за СДСМ. Затоа што јас сум социјалдемократ и по убедување и по дејствување, напиша вечерва пратеничката од редовите на СДСМ Славјанка Петровска која беше на промоцијата на новата политичка платформа „Разговорите за Македонија“.

Петровска во подолг статус на Фејсбук посочува дека секогаш била со СДСМ без разлика дали победува или губи. Вели дека јасно и гласно на конгресот на партијата порачала дека е потребна промена на партијата.
– На конгрес, пред присутните делегати јасно и гласно пратив порака дека мора да се менуваме, инаку ќе исчезнеме. Со слична порака го честитав и роденденот на партијата. Предложив ветинг на пратениците и раководството на партијата, нема одговор. Предложив промена на статутот заради враќање на моќта на одлучување кај членството, нема одговор. Останав СДСМ. Моето учество во Разговорите за Македонија не е против СДСМ, туку за СДСМ, пишува Петровска.




