дома Македонија Политика Филипче: Проширувањето повторно меѓу приоритетите на ЕУ, процесот не се темели на...

Филипче: Проширувањето повторно меѓу приоритетите на ЕУ, процесот не се темели на политички гаранции, туку на исполнување на критериумите за членство

  Претседателот на СДСМ и претседател на Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче денеска отварајќи ја седницата на Националниот совет за евроинтеграции, посветена на клучните аспекти на процесот на европска интеграција, оцени дека Македонија нема друга реална алтернатива освен членството во Европската Унија и предупреди дека земјата заостанува во евроинтеграцискиот процес.

Филипче: Проширувањето повторно меѓу приоритетите на ЕУ, процесот не се темели на политички гаранции, туку на исполнување на критериумите за членствоФилипче изјави дека целта на оваа расправа е да се анализираат актуелните аспекти на процесот на проширување на Европската Унија, кој, како што рече, во последниот период добива нова динамика.

Според него, проширувањето повторно е еден од врвните приоритети на ЕУ, што се потврдува со конкретните чекори што ги презема Брисел, а кои постепено го намалуваат скептицизмот кај граѓаните разочарани од долгогодишните застои во евроинтеграциите.

Филипче потсети дека европскиот пат на државата никогаш не бил лесен, наведувајќи ги како клучни етапи независноста во 1991 година, Лисабонскиот договор, приемот во Обединетите нации под референца, грчкото ембарго, конфликтот во 2001 година, Охридскиот рамковен договор и добивањето кандидатски статус во 2005 година.

-Проширувањето, како еден од врвните приоритети на што се става акцент од страна на Европската Унија во изминатите месеци, со конкретни чекори кои се случуваат и кои го разбиваат скептицизмот, би рекол, посебно кај нас, нашите граѓани, кои со право се разочарани од многу случувања во изминатите години. Евроинтегративниот пат никогаш не бил лесен. Ако се вратиме и ја погледнеме еволуцијата од независноста на државата во 1991 година, Лисабонската декларација, решението на проблемот, приемот во Обединетите нации со референцата, решението на блокадата, ембаргото од страна на Грција, тешките години во тој период за време на ембаргото, кризата во 2001 година, Рамковниот договор, решавањето на проблемите, кандидатскиот статус од 2005 година, потпишан со Европската Унија – нагласи тој.

Филипче рече дека ЕУ со години обезбедува финансиска и институционална поддршка преку различни програми, а како значајни пресвртници ги посочи Преспанскиот договор, членството во НАТО и новата геополитичка динамика што се создаде по војната во Украина.

Тој оцени дека последните извештаи на Европската комисија испраќаат сериозни предупредувања за состојбите во земјата, особено во делот на владеењето на правото, независноста на судството, борбата против корупцијата и влијанието врз институциите.

-Со жалење можам да констатирам дека се лоши последните извештаи од страна на Европската комисија, од сите официјални лица кои доаѓаат од ЕУ. Влијанието на оваа власт врз правосудството, независноста на правосудството, отвореното влијание од страна на највисоките инстанци на власта, слабиот перформанс во борбата со корупцијата, влијанието на „српскиот свет“ и со тоа влијанието на Русија врз овој регион, овде на Балканот, на овој дел од Европа, се нешто што отворено стои во извештаите. Понатаму, контролата на медиумите, притисокот врз новинарите, исто така се констатирани во извештаите на Европската Унија – нагласи тој.

Рокас: Нема никакво сомневање дека Европската комисија е целосно посветена да ја види државата како полноправна членка на ЕУ

Според лидерот на СДСМ, се покажало дека биле неточни тврдењата дека Преспанскиот договор ги загрозува македонскиот идентитет и јазик, бидејќи, како што рече, и претставници на актуелната власт признаваат дека тие се потврдени, а не доведени во прашање.

-Нешто што е целосно контрадикторно со најавите дека ние сакаме да одиме кон Европа од страна на власта, а притоа не се прави чекорот напред кој треба да се направи. Се разобличија повеќе, би рекол, лажни најави и политики од страна на актуелната власт. Прво, дека е загрозен идентитетот и јазикот со Преспанскиот договор, со експлицитно признание од највисоките претставници на власта дека не само што не е загрозен, туку е потврден и идентитетот и јазикот со Преспанскиот договор. Дека членството во НАТО носи само и исклучиво бенефити, а никако ризик по ниту една основа за државата. Понатаму, тоа дека не е возможно да има гаранции во пристапниот процес, како што немало гаранции за ниту една земја, поради тоа што пристапниот процес е исполнување на критериуми за членство во ЕУ – изјави Филипче.

Тој нагласи дека пристапниот процес кон ЕУ не се темели на политички гаранции, туку на исполнување на критериумите за членство, кои, според него, ги зајакнуваат институциите, го подобруваат системот и овозможуваат пристап до европските фондови.

Како пример за придобивките од членството, тој ги посочи Хрватска, Бугарија и Романија, истакнувајќи дека овие држави добиле милијарди евра европски средства за инфраструктурни и развојни проекти, што значително придонело за нивниот економски и институционален развој.

Филипче предупреди дека Македонија останува единствената земја кандидат која сè уште нема отворено ниту едно преговарачко поглавје, додека Албанија, Црна Гора, Молдавија и Украина веќе напредуваат во пристапниот процес и, според него, имаат реални шанси да станат следните членки на Унијата.

-Се поставува прашањето дали намерното запирање на европскиот пат не е форма на државен удар. Кога се знае што треба да се направи, кога ниту едно поглавје не е отворено, а четири земји кандидати за Европската Унија одржаа меѓувладини конференции во еден ден – Албанија и Црна Гора, понатаму Молдавија и Украина, кои видовме како го решија проблемот со Унгарија по смената на власта во Унгарија. Имаше проблем со малцинството, па го надминаа со разговори и со преговори. Да резимирам во овој дел, очигледно е дека немаме алтернатива. Очигледно е дека не одиме напред. Ние сме единствената земја која нема отворено поглавје за преговори, додека овие четири земји кандидати очигледно ќе бидат следните земји членки на ЕУ – рече тој.

Тој порача дека Европската комисија и Советот на ЕУ јасно покажуваат дека проширувањето е меѓу четирите главни приоритети на Унијата, заедно со поддршката за Украина, институционалните реформи и развојот на новите технологии, оценувајќи дека доколку земјата не преземе конкретни чекори, ризикува дополнително да заостане зад регионот.

ПредходнаРокас: Нема никакво сомневање дека Европската комисија е целосно посветена да ја види државата како полноправна членка на ЕУ
СледнаСлучај марихуана Србија: Поднесено обвинение против шестчлена група за шверц на речиси девет тони марихуана