Наградуваниот кантавтор Глен Хансард, кој имаше 56 години, починал на лице место откако моторот со кој управувал излетал од патот во близина на областа Стробери Бедс во Лукан, кратко пред 4:30 часот наутро.

Во емотивното соопштение доставено до ирскиот јавен сервис РТЕ, од неговата менаџерска куќа АТС менаџмент навеле:
„Со скршени срца соопштуваме дека почина Глен Хансард, кој го загуби животот во раните утрински часови по сообраќајна несреќа во Даблин.
Семејството на Глен е длабоко потресено и скршено од оваа трагична загуба и љубезно моли за приватност во овој исклучително тежок момент.
Семејството е благодарно за поддршката што ја доби и сака да им се заблагодари на службите за итни случаи кои излегле на местото на настанот.
Бидејќи случајот е сè уште предмет на активна полициска истрага, засега нема да има дополнителни коментари“, навеле тие.
Ирската полиција и брзата помош веднаш пристигнале на местото на несреќата на Долниот пат Р109, помеѓу Тинкерс Хил и Рагд Лејн, откако биле повикани во раните утрински часови.
Полицијата започнала истрага за фаталната несреќа, додека експертите за сообраќајни несреќи направиле увид и го обезбедиле местото на настанот поради детално форензичко испитување, објави британски „Сан“.
Кој беше Глен Хансард?
Глен Хансард беше најпознат како фронтмен на рок-групата „Фрејмс“ (The Frames), како и по неговите улоги во ирските филмови „The Commitments“ и „Once“.
Тој живееше помеѓу Финска и Ирска и беше во брак со финската поетеса Маире Сарика. Двојката го доби своето прво дете во октомври 2022 година.
Меѓу првите што му оддадоа почит беше водителот Рајан Табриди, кој се збогува со музичарот со емотивна објава на социјалните мрежи.
„Бев негов обожавател, му се восхитував, а благодарение на бројните разговори на телевизија и радио имав можност и да го интервјуирам. Беше исклучително талентиран пејач и раскажувач. Покрај неговиот огромен уметнички талент, тој беше човек кој се грижеше. Се грижеше за бездомниците и се грижеше за Ирска. Оскар, бројни достигнувања и неговата човечност беа дел од еден живот кој беше навистина исполнет.“
Ирскиот премиер Мајкл Мартин порача дека е длабоко потресен од загубата на талентираниот музичар и актер кој со години оставаше значаен белег во културниот живот на Ирска.




