Илинден не е само датум, тој е и завет, но и карактер. Илинден е најсилниот доказ дека постојат народи кои можат да бидат окупирани, можат да бидат напаѓани, можат да бидат предавани, можат да бидат потценувани, но никогаш не можат да бидат покорени, затоа што слободата не започнува на границите на една држава, туку во срцето на еден народ, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање од Пелинце, по повод одбележувањето на националниот празник 2 Август, Илинден – Денот на Републиката.

Тој нагласи дека денеска не се одбележува уште еден празник во календарот на нашата држава, туку споменот за времето кое не се мери со години, туку со идеали, со жртви, со соништа и со луѓе кои знаеле дека има мигови во историјата кога човекот повеќе не живее само за себе, туку живее за народот, за својата татковина и за генерациите кои допрва ќе дојдат.
-Ги славиме двата Илиндена како една историска целина, затоа што Крушево и АСНОМ не се две различни приказни, туку една низа, две страници од истата книга, напишана со вера, со храброст и со непоколеблива одлучност Македонија да биде своја, достоинствена и слободна, истакна Мицкоски.
Премиерот потсети дека во Крушево се родила идејата дека слободата вреди повеќе од животот. На АСНОМ, недалеку од ова место, во манастирот Св Прохор Пчински, потсети Мицкоски, таа идеја добила своја државотворна форма. Во Крушево, пак, дополни тој, се покажало дека народот никогаш не престанува да сонува, а на АСНОМ се покажало дека народот кој не престанува да сонува, знае и да создава.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, од Крушево по повод 2 Август – Илинден порача дека вистинската почит кон илинденците се покажува преку градење подобра иднина, а не со останување заробени во минатото.
Во своето обраќање, Филипче им оддаде почит на хероите на Илинденското востание и на Крушевската Република .
-Денес во Крушево оддаваме почит на хероите на Илинден и на Крушевската Република – на оние кои пред повеќе од еден век се бореа за слободна и достоинствена Македонија. Нивната жртва не беше за изолација. Не беше за страв. Не беше за поделби.Тие се бореа за слобода, за правда и за правото на овој народ сам да ја одлучува својата судбина. Денес, повеќе од еден век подоцна, имаме должност да го продолжиме токму тој пат, рече Филипче.
Тој порача дека Македонија не смее да остане заробена во минатото и дека не смее да биде држава во која младите заминуваат, во која пензионерите едвај преживуваат, во која водата за пиење е опасна, а институциите служат на тесен круг луѓе.
-Сеќавањето на Илинден има вистинска вредност само ако ни служи да градиме подобра иднина. Затоа ние се бориме за Македонија во која владее правото, а не партискиот интерес. За Македонија во која има чиста вода, достоинствени плати и перспектива за младите- истакна претседателот на СДСМ.
Филипче порача дека визијата на СДСМ е Македонија да биде дел од европското семејство како слободна, демократска и просперитетна држава.
И повеќе други парламентарни и вонпарлематернаи партии и лидери упатија обединувачки пораки и честитки по повод државниот празник Илинден.




