дома Свет Вооружен маж уапсен во голф-клубот на Трамп кај Лос Анџелес

Вооружен маж уапсен во голф-клубот на Трамп кај Лос Анџелес

Локалната полиција уапси маж вооружен со пиштол откако направил фотографии и видеа од теренот во голф-клубот „Трамп Нешанал“, во сопственост на американскиот претседател Доналд Трамп, што се наоѓа во Округот Лос Анџелес

Како што соопшти канцеларијата на шерифот на Округот Лос Анџелес, во џебот на уапсениот 38-годишен Џанин Џон Теил бил пронајден наполнет пиштол со куршум во цевката и шаржер од 16 куршуми, а во неговото возило паркирано на паркингот на голф-клубот е пронајден дополнителен наполнет шаржер со муниција.

Теил е уапсен по обвинение за „носење скриено огнено оружје“ и поседување муниција, соопшти канцеларијата на шерифот.

При претрес на домот на уапсениот, детективи пронашле повеќе парчиња огнено оружје и „неколку нотеси што содржат вознемирувачки записи“.

На Теил му е одреден притвор и можност за ослободување до почетокот на судењето со кауција од 250.000 долари. Се очекува тој да се појави пред суд на 26 август.

Теил е обвинет и за поседување нерегистрирана пушка со кратка цевка, кривично дело за што е предвидена минимална затворска казна од десет години.

„Иако сè уште ги истражуваме мотивите на ова лице, благодарни сме што беше уапсен пред посетата на претседателот. Федералните и локалните органи за спроведување на законот интервенираа рано и спречија она што можеше да биде опасна ситуација. Оваа истрага е во тек“, изјави првиот помошник на американскиот јавен обвинител Бил Есили.

Инцидентот во голф-клубот се случил во неделата, еден ден пред да биде објавено дека Трамп ќе го посети во текот на оваа недела за да присуствува на вечера на Републиканскиот национален комитет.

ПредходнаГром погоди двајца Белгијци на француските Пиринеи
СледнаКако одговор на најновите руски напади ЕУ ќе и исплати 1,4 милијарди евра на Украина