
Русија ја интензивира кампањата за ширење дезинформации во Германија, во пресрет на изборите во три германски покраина, на кои се очекува значителен подем на екстремнодесничарската партија Алтернатива за Германија (АФД), објави „Стар“ повикувајќи се на германски безбедносни извори.
Во Германија следниот месец се одржуваат покраински избори во Берлин, Саксонија-Анхалт и Мекленбург-Западна Померанија, на кои се очекува најмногу гласови да освои токму АФД, чии лидери најавуваат обнова на врските на Германија со Русија, кои во голема мера се замрзнати поради руската агресија врз Украина.
Според безбедносните извори, руската кампања има за цел да ја поларизира политичката клима во Германијаи и да ги дискредитираат традиционалните центристички партии – владејачките Христијанско демократска унија (ЦДУ) и Социјалдемократската партија на Германија (СПД), како и Зелените и либералната Слободна демократска партија (ФДП).
Истите извори посочуваат дека германските власти се сигурни оти кампањата за ширење дезинформации е оркестрирана од Русија со помош на голем број компании.
Кампањата главно се состои во објавување видеа на социјалните медиуми со логоа на реномирани медиуми, вклучувајќи ги Би-Би-Си и германскиот радиодифузер АРД, кои содржат лажни тврдења против локални политичари, почнувајќи од обвинувања за проневера до такви за сексуално вознемирување и злоупотреба.
Германската влада предупреди за слична кампања за дезинформации оркестрирана од Русија и пред федералните парламентарни избори минатата година, а Москва беше обвинета и дека се обидува да влијае на изборите во Молдавија и Ерменија.
Русија од своја страна постојано негира вмешаност во дезинформациски кампањи насочени против Западот.




