Ние сме единствена држава што ги намали цените, единствена држава во регионот и можеби најдобра во Европа што се однесува до цените на нафтата и нафтените деривати. Од аспект на количини, граѓаните да бидат спокојни, има доволно. Ситуацијата ќе ја следиме и во зависност од неа така ќе реагираме – вели премиерот Мицкоски. Тој додава дека предизвици ќе има, но, како што нагласува, иако тие не зависат од нас, туку од глобалната состојба, Владата ќе ги согледува навреме и исто така ќе реагира. Апелира да не се создава паника, оти, како што вели, има доволно количини горива во земјата.

– Состојбата е под контрола за разлика од некои минати времиња кога паниката, неспособноста, криминалот и корупцијата беа второ име на некои претходни влади – рече премиерот Мицкоски во одговор на новинарско прашање при денешната посета на Гази Баба.
Нагласи дека Македонија е единствена земја во регионот што оваа недела не ги покачи, односно ги намали цените на горивата е Македонија, дека убедливо имаме најевтини цени на горивата во регионот.
– Тоа значи дека ако кај нас безоловниот се движи од 1,33 евроцент за литар до 1,39 евроцент за литар 95- или 98-октански бензин и ако дизелот е некаде околу 1,5 евроцент, да речеме во соседна Албанија и Грција е над 2 евра, во соседна Србија од 1,8 до над 2 евра. Во Косово исто така. Во Германија веќе имаме и до три евра за литар бензин, што е случај и во другите европски земји. Со други зборови, во овој прв месец во историски најголемата нафтена криза по онаа од 1973 година, односно од седумдесеттите години на минатиот век, ние како држава рефлектираме стабилност и сигурност и план да се справиме со овие предизвици – рече премиерот.
Тој уверува дека во овој момент состојбата е стабилна и не гледа апсолутно никаква причина за страв од немање енергенти, воведување какви кризни состојби и во делот на пазарот на електрична енергија и во делот на пазарот на нафта и нафтени деривати.
– Што ќе се случува за месец, два, три, пет – не знаеме. Можеме да претпоставиме, да собираме информации, да анализираме и да носиме одлуки. Предизвици ќе има, тоа не зависи од нас, зависи од други фактори во светот, но ние како Влада ќе реагираме исклучиво во интерес на граѓаните – рече Мицкоски.
Тој појасни дека ЕСМ има на располагање речиси 3.200 тони мазут, кои државата ги ставила на располагање уште од минатата година.
– Може да ги користат, има доволно.
Во врска со одредени најави за поскапување на лебот и дали барањата на пекарите се оправдани или во прашање е злоупотреба на кризна состојба, тој истакна дека како Влада ја анализираат состојбата и оти денеска во текот на денот ќе има состанок на оваа тема.
– Ќе го видиме инпутот и дали навистина на тој инпут што тие го декларираат има потреба од такво зголемување. Доколку има потреба, тогаш ќе кажеме, да, има потреба и ќе преземеме мерки, а доколку нема потреба, тогаш за оние што се однесуваат девијантно и непазарно ќе бидат изречени глоби – вели премиерот.
Прашан за извештајот на ММФ и нивните прогнози за поголема инфлација од онаа што ние како земја сме ја планирале, премиерот Мицкоски истакна дека сè уште не го видел тој извештај.
ИНфлација
Потсети дека во јануари таа била 3,1 проценти, а во февруари паднала под три отсто, односно била 2,9 процента и била една од најниските стапки на инфлација во Европа и многу пониска од Грција, Бугарија, Србија, Романија, Словачка, Хрватска…, како што рече, рамо до рамо со Словенија и други земји членки на Европската Унија.
Во врска со тоа дали ќе бидат преземени мерки за спречување на порастот на цените на производите, Мицкоски појасни дека на терен е Државниот пазарен инспекторат и оти 30 тима ја следат состојбата.
– Имаме индикатори, имаме анализа. Имав состанок и со директорката од Комисијата за заштита на конкуренција. Го подготвуваме новиот закон, во кој се предвидени многу поголеми глоби за оние трговци што ќе се однесуваат девијантно и непазарно и во зависност од тоа каква ќе биде реалноста, така и ќе постапуваме – истакна премиерот Мицкоски, кој денеска беше во Гази Баба.




