Филм во кој глуми Вилем Дефо го прикажува семејството како трансакција, а не како врска
Денеска ќе биде објавена напнатата драма за прославата во која главните улоги ги играат Вилем Дефо и Вик Кармен Соне.
Филмот, оригинално насловен како „Роденденската забава“, е режиран од Мигел Анхел Хименез и е типичен пример за современото европско кино – стилски, амбициозен и малку расфрлан во сопствената симболика.
А главната тема што ја истражува е семејството како трансакција, а не врска, и моќта како форма на насилство.
Филмот е адаптација на истоимениот роман од грчкиот писател Панос Карнезис.
Самиот Хименез, кој го напиша сценариото заедно со Јоргос Карнавас и Никос Панајотопулос, го опишува романот како „прекрасен“.
Дејството се одвива на приватен остров во 1970-тите, каде што милијардерот Маркос Тимолеон организира раскошна роденденска забава за својата ќерка Софија.
Но, под гламурот лежи контрола, траума и скриени мотиви. Одеднаш, забавата е прекината од непредвидени настани кои не само што ќе ја потресат моќта на милијардерот, туку и ќе ги доведат во прашање темелите на целиот негов живот.
Филмот нуди кино со атмосфера и ликови – не толку со акција.
Вилијам Дефо е Тимолеон – човек кој не само што поседува богатство, туку ги контролира судбините на сите околу него.
Критичарите забележаа дека тој му дал на ликот „груба физичка природа“ и заканувачко присуство што ја претворило секоја сцена во поле на психолошка тензија.
„Мојот живот е многу далеку од неговиот, но тоа е едно од задоволствата да се биде актер. Понекогаш мислам дека е многу важно да се стремиш кон нешто и во тој стремеж треба да има разбирање“, рече Дефо по премиерата на филмот.

Од своја страна, Вик Кармен Соне ја конструира Софија како внатрешно растргната фигура – истовремено бунтовна и зависна.
Нејзиното присуство е потивко, но емоционално наелектризирано; таа служи како морален и психолошки контрапункт на таткото.
Критичарите нагласуваат дека двајцата актери создаваат „силен дуо татко-ќерка“ преку контрастот во гласовите и енергијата.
Филмот е копродукција на Грција, Шпанија, Обединетото Кралство и Холандија.





