Автомобил што ја удрил независната австралиска пратеничка Хелен Хејнс пред нејзината канцеларија, претходно направил полукружно вртење, изјави денеска австралискиот премиер Ентони Албанезе, опишувајќи го инцидентот како „јасно намерен“.
Таа во текот на ноќта била оперирана и се наоѓа во критична состојба откако во понеделникот, во Вангарата (североисточно од Мелбурн), била удрена од теренско возило, пренесува Ројтерс.
Повикувајќи се на анонимни извори, австралиските медиуми објавија дека Хејнс поради повредите останала без едната нога, а лекарите се обидуваат да ја спасат другата.
„Јасно е дека станува збор за намерен чин. Ова не беше несреќа, ниту пак случај во кој некој едноставно излетал од патот“, изјави Албанезе за ABC News.
Првичните наоди од истрагата укажуваат на тоа дека автомобилот ја удрил Хејнс додека таа ставала или вадела предмети од багажникот на сопственото возило.
По нападот е уапсен 43-годишен маж, а во истрагата се вклучени повеќе служби, вклучително и антитерористички единици.
Полицијата разгледува можни обвиненија, меѓу кои и нанесување повреди на јавен функционер – кривично дело за кое е предвидена максимална казна затвор од 10 години.
„Во оваа фаза, се чини дека станува збор за изолиран инцидент“, изјави комесарката на Австралиската федерална полиција, Криси Барет.
Албанезе: Автомобил намерно ѝ нанел тешки повреди на независна австралиска пратеничка

