Во „Линколн центарот“ во Њујорк се одржа премиера на документарната серија „Меланија: Серијата“, која има за цел да понуди „интимен поглед“ на животот на првата дама на САД, Меланија Трамп од почетокот на вториот мандат на американскиот претседател Доналд Трамп.
На премиерата на документарната серија во два дела, која од денеска е достапна на платформата за стриминг „Амазон прајм видео“, се појави лично и Меланија Трамп облечена во елегантен црн фустан на италијанската модна куќа „Долче и Габана“.
„Мислам дека ова е уникатна приказна за која луѓето се заинтересирани. Мислам дека им е интересно да видат што се случува зад сцената, што се очекува од вас и како е да се биде прва дама“, изјави Меланија пред присутните новинари.
Првата епизода, насловена „Семејство и доверба“, се фокусира на подготовките на Меланија за нејзиното враќање во Белата куќа по реизборот на Доналд Трамп.
Судејќи според соопштението за јавноста од „Амазон“, семејството е во центарот на вниманието. „Таа мора да ги заштити луѓето што ѝ се најблиски, додека истовремено се справува со барањата што ги носи моќта“, се наведува во соопштението.

Втората епизода, „Гордост и чест“, ја прикажува Меланија како прва дама, непосредно по инаугурацијата на Трамп. Таа се фокусира на иницијативите „Be Best“ и „Fostering the Future“, меѓу другото, кои се однесуваат на кибер безбедноста и благосостојбата на децата и младите.
Разговор „еден на еден“ со мене
Претходно оваа година беше објавен и филмот „Меланија: Документарецот“, кој исто така се појави на „Амазон прајм видео“ и ги прикажа 20-те дена пред инаугурацијата на Доналд Трамп.
Новата серија се претставува како еден вид продолжение на документарецот, иако во септември во гостување на емисијата на „Фокс Њуз“, Меланија Трамп изјави дека серијалот ќе биде сосема поинаков.
„Тоа е повеќе како разговор еден на еден со мене. Одговарам на низа лични прашања што никогаш претходно не ми биле поставени. Така што, тоа е навистина возбудливо“, изјави првата дама на САД.
Очигледно, таа не ја даде оваа изјава случајно и веројатно со неа ќе привлече и љубопитни гледачи. Меланија строго ја контролира својата јавна слика, ретко се појавува во јавноста, а уште поретко дава интервјуа.
Затоа, Меланија често се опишува како енигма. Ретко се појавува покрај Доналд Трамп, а не живее ниту во Белата куќа. Така беше и за време на првиот мандат на Трамп.

Таа главно престојува во „Трамп Тауер“ на Менхетен, Њујорк. Повремено патува и во „Мар-а-Лаго“ на Флорида.
Сè што гледате е моја идеја
Режисер на серијалот е Брет Ратнер, кој го режираше и филмот „Меланија: Документарецот“, чија премиера беше во јануари. Меланија и Марк Бекман, нејзиниот долгогодишен советник, се извршни продуценти.
Меланија им кажа на новинарите дека создавањето на серијалот било „многу возбудливо“, но додаде дека тоа барало „многу работа“ и воопшто не било „лесна задача“.
„Ова беше првпат да бидам вклучена во процесот од почетната идеја, па сè до крајот. Сè што гледате е моја идеја. Од рекламите и музиката, па сè до монтажата“, рече Меланија Трамп.
Синот Барон, таткото Виктор
Најавата за документарната серија се фокусира на 20-годишниот Барон, синот на Доналд и Меланија Трамп. Тој, исто така, вообичаено се држи подалеку од очите на јавноста.
„Тој е мој приоритет. Секогаш ќе биде мој приоритет“, вели Меланија.
Според копродуцентот Марк Бекман, Виктор Кнавс, таткото на Меланија, исто така има значајна улога во документарната серија. Кнавс е словенечки бизнисмен кој доби американско државјанство во 2018 година.
Самата Меланија Трамп вели дека семејните моменти прикажани во документарната серија се случиле спонтано.
„Штом ќе започнете со снимање, нема втора шанса. Едноставно се случува. Камерата го бележи она што се случува или не се случува во тој момент“, изјави таа.
Претседателот Трамп не присуствуваше на премиерата, бидејќи во моментот беше на пат за враќање од Самитот на АПЕК во Кина.
Според информациите, „Амазаом МГМ Студиос“ платил приближно 40 милиони долари за правата за прикажување на документарниот филм и серијата што следи.

