Во Луксембург денеска ќе се одржи 10-от состанок на Пристапната конференција меѓу ЕУ и Албанија на кој привремено ќе биде затворено на Поглавјето 20 – „Претприемништво и индустриска политика“ во рамки на преговарачкиот процес на земјата за членство во Унијата.
Албанија во текот на досегашните преговори ги отворени сите 33 преговарачки поглавја, од кои три беа привремено затворени на претходната Меѓувладина конференција, одржана на 14 јули годинава во Брисел.
Станува збор за преговарачките поглавјата 25 – „Наука и истражување“, 26 – „Образование и култура“ и 30 – „Надворешни односи“.
Албанија аплицираше за членство во ЕУ на 24 април 2009 година, по што на 9 ноември следната година, Европската комисија во своето мислење за албанското барање оцени дека пред формално отворање на пристапните преговори зрмјата треба да го постигне неопходното ниво на усогласеност со критериумите за членство и да ги исполни поставените клучни приоритети.
По ова во октомври 2012 година, Европската комисија препорача на Албанија да ѝ биде доделен статус на земја кандидат за членство, под услов да ги спроведе клучните мерки во областите на реформата на правосудството и јавната администрација, како и ревизија на парламентарниот Деловник.
На Албанија ѝ беше доделен статус на земја кандидат за членство во ЕУ во јуни 2014 година.
Во април 2018 година Европската комисија даде препорака за старт на преговорачкиот процес за членство на Албанија во ЕУ, по што во јуни истата година година Европскиот совет усвои заклучоци со кои одобри отворање на пристапните преговори.

На 24 март 2020 година министрите за европски прашања на земјите членки на ЕУ дадоа политичка согласност за отворање на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија.
На 19 јули 2022 година со првиот состанок на министерско ниво на Пристапната конференција, беа отворени преговори за членство.
Украина и Молдавија отвораат по два преговарачки кластери
Утре во Луксембург ќе се одржат и четвртите состаноци на Пристапните конференцина ЕУ со Украина и Молдавија, на кои двете земји ќе ги отворат преговорите по кластерите 2 – „Внатрешен пазар“ и 3 – „Конкурентност и инклузивен раст“.
Украина поднесе барање за членство во ЕУ на 28 февруари 2022 година, а Молдавија на 3 март 2022 година, по што на 23 јуни истата година, Европскиот совет им додели кандидатски статус на девте земји.
Украина и Молдавија ги започнаа пристапните преговори со ЕУ на 25 јуни 2024 година и досега ги отворија Кластерот 1 – „Основни вредности“ и поглавјата 30 – „Надворешни односи“ и 31 – „Надворешна, безбедносна и одбранбена политика“.

