За време на средбата со министерката за животна средина, Фиторе Пацоли, вршителот на должност шеф на мисијата во Амбасадата на САД во Косово, Ану Пратипати, изјави дека селективното спроведување на прописите или непочитувањето на законските процедури не придонесува за стабилност.
Средбата уследи по реакцијата на Амбасадата во врска со уривањето на неколку куќи во сопственост на Срби, изградени во областа на езерото Газивода – објекти за кои косовските институции тврдат дека се изградени незаконски.

Од Амбасадата на САД во Приштина соопштија дека на средбата „се разговарало за важноста од почитување на владеењето на правото, притоа обезбедувајќи соодветни законски постапки и имотни права за сите заедници“.
Неколку дена претходно, Пацоли објави видео на кое се гледа уривање на куќа во близина на езерото Газивода. Од снимката се гледа дека Инспекторатот на Министерството за животна средина започнал со уривање на шест објекти – за кои се тврди дека се бесправно изградени – а станува збор за четири веранди и две куќи.
Според неа, уривања се извршени и кај езерото Радоњиќ, во близина на Ѓаковица, додека дополнителни акции се планирани кај езерото Батлава (во близина на Подујево), езерото Бадовац и во околината на Грачаница.

